Наградени најдобрите млади поети на 4. конкурс на Агенцијата за млади и спорт

Радица Стојанова за творбата „Неискажана“ освои прво место на четвртиот конкурс на Агенцијата за млади и спорт за најдобри млади поети, на кој годинава пристигнале творби од 48 автори.

„Невермор“ на Елена Богдановска е второнаградена, а творбата „Река“ на Никола Димитриевски ја доби третата награда.

Агенцијата за млади и спорт денеска ги додели наградите за трите најдобри творби, кои имаат паричен износ од 20 илјади, 15 илјади и 10 илјади денари.

Директорот на АМС Дарко Каевски изјави дека е пријатно изненаден од бројот на пристигнати творби.

„Големо задоволство е да се биде со толку инспиративни млади луѓе, кои творат поезија. И оваа година пристигнаа голем број творби. Се надевам дека секоја година ќе има тенденција на зголемување“, рече Каевски.

Наградените творби ги избра жири во состав Јовица Ивановски, Николина Андова-Шопова и Тихомир Јанчовски.