Над 60 климатски активисти уапсени во Лондон

Над 60 климатски активисти се уапсени во Лондон, под новите анти-демострантни закони во Велика Британија.

Активистите од „Just Stop Oil“ учествувале во мирен марш околу британскиот Парламент на 30 октомври, барајќи да се укинат новите лиценци за гас и нафта.

Во рок од 10 минути, полицијата упаднала на маршот, блокирајќи ја маршрутата на активистите и бркајќи ги од патиштата. Откако методите на полицијата се покажале како неуспешни, видеа и фотографии покажуваат како полицијата ги апси активистите, приведувајќи ги во комбиња.

Ова е прв пат во Британија да се изврши апсење според Законот за јавен ред од 2023 година, што забранува каква било активност што „се меша во користењето или работењето на која било клучна национална инфраструктура во Англија и Велс“.

Ова е дел од поширокото европско задушување на протестите. Франција и Германија презедоа антитерористички пристап кон некои демонстрации; заострување на законите за надзор и притвор, па дури и започнување рации во домовите на активистите.

Активистите на „Just Stop Oil“ велат дека нема да бидат спречени во остварувањето на нивната цел да ги запрат новите лиценци за нафта и гас.

Владата вели дека новите мерки нема да ги стишат и забранат протестите, туку „само ќе спречат мал број поединци да предизвикаат сериозни нарушувања во јавното секојдневие“.

Блокирањето патишта, аеродроми, локации за нафта и гас и друга „клучна национална инфраструктура“ може да ги затвори демонстрантите до 12 месеци, доколку се утврди дека постапувале непромислено и преземале неоправдани ризици.

Активистите соопштија дека 65 лица учествувале на маршот.

„Во 10 часот, голем број полицајци пристигнаа и почнаа да ги туркаат приврзаниците на „Just Stop Oil“  и да формираат блокада на патот“, изјавиле активистите.