Над 57 илјади денари изнесувала минималната синдикална кошничка за февруари, соопшти ССМ

Вредноста на минималната сидникална кошница за февруари изнесува 57.476 денари, соопшти денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Пресметката е под претпоставка за семејство од двајца родители и две деца, кои живеат во сопствен стан од околу 60 квадрати.

Доколку семејството живее во изнајмен стан и мора да плаќа кирија, износот на кошничката би бил 72.851 денари.

Поделени по ставки, за трошоци за храна и пијалоци од минималната синдикална кошничка отпаѓаат 21.219 денари (36,9%), трошоците за образование изнесуваат 7.022 денари (12,2%), додека трошоците за транспорт се 4.956 денари (8.6%).

Во меѓувреме, трошоците за облека и обувки изнесуваат 4.902 денари (8,5%), трошоците за станарина, вода, електрична енергија и греење се 6.014 денари (10,5%), 4.245 денари (7,4%) за рекреација и култура, додека за ресторан и хотели трошокот изнесува 3.733 денари (6,5%).

Нешто околу 2.473 денари (4,3%) од трошоците отпаѓаат за комуникација, 1.797 денари (3,1%) за хигиена, 1.115 денари (1,9%) за здравје и 950 денари (1,7%) за останати стоки и услуги.

Инаку, вредноста на кошничката во февруари е зголемена за 313 денари во споредба со претходниот месец, кога изнесуваше 57.163 денари. Во пресметките пак, со претпоставка доколку семејство изнајмува стан, трошоците се зголемени за 213 денари.

Ангела Петкова