Над 47 илјади денари изнесувала минималната синдикална кошница во јули, соопшти ССМ

Вредноста на минимална синдикална кошница со вклучена инфлација, односно трошоци за живот, за месец јули изнесувала 47.042 денари, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Оттаму велат дека минималната кошница не можат да ја покријат ниту семејствата каде има двајца вработени кои имаат примања во висина на просечна плата и една минимална плата.

Па така, најмногу пари, односно 17.842 денари требало да се издвојат за храна и пијалаци, 12.374 денари за домување, 3.508 денари за превоз, 2.760 денари за хигиена, 2.215 денари за облека и обувки и 1.067 денари за култура. Истовремено, за одржување на здравјето било потребно да се издвојат 784 денари.

Со овие средства, минимална синдикална кошница за јули изнесувала 40.554 денари, а кога ќе се додадат трошоците за живот, односно инфлацијата, каде се пресметани уште 6.488 денари, вкупната кошница, која ја објавува ССМ изнесувала 47.042 денари.

фото: ССМ

Во јуни, минатиот месец минималната кошница изнесувала 39.710 денари, што претставува зголемување од 7.332 денари на минимална синдикална кошница за само еден месец.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека е значително осиромашен македонскиот работник и граѓанин, имајќи предвид, како што додаваат, дека инфлацијата од 16% ја обезвреднува вредноста на платите и од тука износот од 18.000 денари колку што изнесува минималната плата во Македонија има реална вредност од 15.120 денари. Дополнително, од ССМ велат дека износот на просечната нето плата од 31.525 денари има реална вредност од 26.481 денари.

„Алармантно е тоа што погрешните владините мерки и политики за само 5 месеци од зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, повторно ја вратија вредноста на истата на нивото пред март 2022 година односно со една минимална плата работниците да можат да си дозволат само леб и вода, исхрана и пијалаци, согласно Синдикалната минимална кошница кои како трошок за месец јули 2022 година изнесувал 17.842,91 денари или Владата во месец март под притисок на ССМ направи 1 чекор напред кон подобрување на стандардот на најзагрозената категорија на работници, а во јули по сопствено убедување и неприфаќање на предлозите на ССМ, направи 5 чекори назад кон загрозување на егзистенцијата на работниците со најниски примања“, велат од ССМ.

Истовремено, оттаму велат дека доколку Владата ги прифатила барањата на работниците и на синдикатот, за усогласување на платите согласно порастот на минималната плата за 2.806 денари уште во мај, денеска ќе била амортизирана инфлацијата која ги обезвреднува платите.

„Но за жал поради лошите политики на Министерството за финансии и министерот Бесими, а против кои се работниците, а веќе против се и работодавачите и експертската јавност, тој ги остава на работ на егзистенцијата работниците, бизнисите и граѓаните на Македонија. На работниците им се потребни итни усогласувања на платите за амортизирање на инфлаторниот удар, а тоа значи Владата да ги усогласи платите за 18,4% до септември согласно Законот, а во спротивно како што ги казнува владата работниците, така работниците ќе ја казнат Владата, а истото се однесува и на работодавачите“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.