Над 180 ученици од Аеродром продефилираа на еко модна ревија во основното училиште „Лазо Ангеловски“

Повеќе од 180 ученици од сите основни училишта во Општина Аеродром вчера учествуваа на еко модна ревија во основното училиште „Лазо Ангеловски“ по повод одбележување на Денот на пролетта и екологијата.

Од училиштето велат дека еко модната ревија претставува славење на детската креативност и фантазија.

„Нашата цел како организатори и домаќини на овој настан е да им овозможиме на сите ученици од основните училишта на територијата на општина Аеродром да создадат свои уметнички дела преку кои ќе ја истакнат функцијата на реупотребата на рециклирачките материјали. Преку своите изработени модели и презентации учениците се дел од подигнувањето на еколошката свест и култура, како и за придонесувањето за почиста околина и поздрава средина“, велат од „Лазо Ангеловски“.

На модната ревија присуствувала и модната дизајнерка Ирина Тошева, која зад себе има богато и плодно дизајнерско искуство. Од училиштето посочија дека Тошева се претставила со модел изработен од оризовиот „отпад“ експериментирајќи заедно со куркума и лушпи од бел и црвен кромид и преку техниката „шибори“, како една од најстарите техники за боење од Јапонија.