МВР поднесе кривична пријава за малолетник кој испратил закани за бомби до средни училишта

Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против малолетник од Скопје за делото „тероризам“, откако на 4 ноември креирал електронска адреса преку која испратил заканувачка порака за поставени експлозивни направи во четири средни училишта на службените електронски адреси на училиштата. Малолетникот на распит на 7 ноември го признал делото и го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.

Од МВР посочуваат дека малолетникот бил инспириран од претходни објави за поставени бомби во неколку средни училишта во Скопје во периодот од 26 октомври до 2 ноември.

„На социјалните мрежи забележал дека пораките биле испратени преку конкретен провајдер, кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата, при што на 04.11.2022, од неговиот персонален компјутер, пристапувајќи на интернет мрежата на еден телекомуникациски оператор, креирал електронска адресата на конкретниот провајдер, преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта“, соопштија од МВР.

Дополнително, од министерството велат дека со цел обезбедување докази биле преземени мерки, при што се утврдило дека електронската адреса на пријавеното лице била креирана на 4 ноември во 11:17 часот од ИП адреса, за која од телекомуникациски оператор биле доставени податоци дека сопственик е Д.К.Ч.(43) од Скопје, мајка на малолетникот.

„Врз основа на издадени наредба од Судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, на 07.11.2022 година е извршен претрес на дом и други простории каде живее Д.К.Ч., при што се одземени десктоп компјутер, еден мобилен телефон и СИМ картичка, кои ги користел малолетникот., а од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика извршен е преглед во електронските уреди кои ги користи кривично пријавениот, при што е утврдено дека на 04.11.2022 година преку интернет пребарувач било пристапено на конкретниот сервис провајдер, а врз основа на наредби од ОЈО за ГОКК извршено е вештачење на електронскиот доказен материјал, при што е утврдено дека пријавениот платил за закупување на пакет од провајдерот за користење на безбедна електронска пошта“, соопштија од МВР.

Инаку, од 26 октомври годинава бројни училишта во Скопје беа на мета на лажни дојави за бомби. Пред неколку дена беше пријавена лажна дојава за бомба и во основно училиште во Крива Паланка, додека денеска лажни дојави за бомби беа пријавени и во пет училишта во Кавадарци.