Музејот Прадо и Версајскиот дворец отворени за посетители

Шпанскиот национален музеј „Прадо“ од денеска ќе биде повторно отворен по речиси три месеци карантин, со одредени рестрикции.

Домот на некои од најголемите ремек-дела на Бош, Веласкез и Гоја ќе ги пречека посетителите по најдолгото затворање од Шпанската граѓанска војна пред повеќе од 80 години. Музејот беше затворен на 11 март, откако во Шпанија драстично се зголеми бројот на заболени од Ковид-19.

Музејот ќе биде отворен со намален број на слики кои ќе бидат изложени, пониски цени на билети но и со строги здравствени протоколи. Од вообичаените 8 до 9 илјади билети дневно, Прадо сега ќе прима максимално 1.800 посетители во текот на денот. Од културната установа посочуваат и дека се дополнително прилагодени системите за вентилација. На посетителите ќе им биде мерена температурата при влез во музејот и сите ќе мора да носат маски на лицата.

Во Шпанија викендов се отворени и повеќе други музеи и културни атракции.

Паралелно со најголемиот шпански музеј и Версајскиот дворец во Франција ќе ги отвори вратите за посетители. Палатата, најпозната по Салата на огледалата на Луј 14-ти, ќе има ограничување од 400 посетители на секој час.

Претходно, во средата, вратите ги отворија Галеријата Уфици во Фиренца, додека Музејот Лувр во Париз нема да биде отворен пред 6-ти јули.