Мултимедијална изложба за современите свиркачи во Данска

Во Кунстхал Шарлотенборг во Данска, изложбата Whistleblowers & Vigilantes прикажува мултимедијални дела инспирирани од свиркачите како Челси Менинг, Жулиан Асанж и Едвард Сноуден.

Сврикачите и хакерите се осудувани од владите и медиумите, но новата изложба за „самостојните одмаздници“ на информациската ера се труди да донесе баланс во дебатата дали тие прават повеќе лошо или добро.

Меѓу изложените дела има и такви инспирирани од Анонимуси, имитација на кабината од Монтана на „Унабомберот“ Тед Качински, делови од неговиот манифест, како и инсталации од познати уметници и колективи.

Изложени се и целосни копии од Pentagon Papers, документи од Војната во Виетнам кои беа собрани и објавени во 1971 година од свиркачот Даниел Елсберг. Екраните на околните ѕидови прикажуваат документарци со Томас Дрејк и познатата адвокатка Џеслин Радак, која беше застапник на свиркачите како Дрејк, Сноуден и други.

Колективот Metahaven ја истражува транспарентноста, надзорот и приватноста со Black Transparency, 14-минутна видео инсталација придружена со колекција од графички романи напишани на шалови. На друг ѕид постојано се прикажува Collateral Murder, видеата објавени од Менинг на Викиликс, на кои се гледа американски Апачи хеликоптер како стрела група на ирачки цивили и двајца репортери на Ројтерс.

Организаторите Арнс и Кабич велат дека не сакаат да пропагираат само еден политички поглед со изложбата. За нив, таа е преглед на најзначајните фигури на политичкиот отпор во дигиталната ера.

„Ова не значи дека сакаме сите наши посетители да даваат отпор. Сакаме да го имаат ова знаење, за да можат да ја децифрираат често редукционистичката дебата за свиркачите и другите форми на отпор на интернет. На овој начин, се надеваме дека ќе ја вратат својата политичка сила“, предупредуваат тие.