Монодрамата „КРИК“ во КСП Центар Јадро

За последните 30 дена на ,,Гугл” имало 1 958 795 преберувања за: Како да силувам без никој да дознае?”, се вели во најавата за монодрамата „Крик“ која ќе се одигра на 23 ноември, четврток, во КСП Центар Јадро.

Со почеток во 20 часот, монодрамата е авторско дело на Енџи Николовска, работена според архивски материјали, вистинити приказни и текстови.

„Монодрамата ‘Крик’ е претстава за сите недоискажани вистини, за недорасчистените случаи и за недовербата на релација систем-жртва, жртва-систем, за оние кои врескаат во себе, за гласот и ставот на сите засегнати страни. Ова е игра, претстава, за еден процес. Внатрешен. За милион процеси. За една траума. Милион трауми. За сето она за кое нашето општество никогаш нема да проговори ниту збор. Или можеби ќе проговори, но кога?“, се вели во описот за монодрамата, во продукција на „Авангард“.

Авторката Енџи Николовска, истакнува дека претставата обработува состојби со кои се бори секоја втора личност, а додава дека таа втора личност може да биде секој од нас.

„Потиснати од општеството и навикнати сѐ да прикриваме-приказните завршуваат со несреќен крај и стануваме дел од насилно општество“, нагласува Николовска.

Претстава која беше селектирана на Фестивалот за монодрама во Битола, Фестивалот за монодрама во Сараево и Нови Сад. ,,Крик” е дипломска претстава (2021) на  Николоска на Факултетот за Драмски Уметности – Скопје.