МОН објави упатство за наставниците според кое ќе треба да оценуваат за време на онлајн наставата

Бирото за развој на образованието во соработка со Центарот за стручно образование и обука изработи упатство за наставниците за начинот на оценување на учениците во период на реализација на настава преку далечинско учење, односно учење од дома.

Во него стои дека основците ќе се оценуваат бројчено или описно, додека за средношколците оценувањето ќе се врши со интерно проверување од страна на наставниците.

„Наставниците од основните и средните училишта треба да ја прилагодат секојдневната пракса, да вложат дополнителна работа, да соработуваат со колеги, родители/старатели и секако да преземат одговорност за сопствената работа“, стои во упатството што го објави Министерството за образование и наука.

Во него се посочува дека наставниците треба да го прилагодат и начинот на реализација на час, било да е тоа преку користење на анимации и видеа, презентација, поставување текст или онлајн комуникација, но и да ги насочат учениците кон примери на ТВ училницата, снимените предавања на новата платформа „Едуино“, одредени едукативни софтвери и литература.

Во однос на оценувањето, на наставниците им се предлага да поставуваат есејски прашања преку е-мејл, да бараат изработка на проекти за да поттикнат работа во група, да ги користат Скајп и Вибер за дискусии, а социјалните мрежи за тестови на знаење. Покрај ова, упатството налага и правење контролни вежби за учениците и водење е-портфолио за секој ученик.

Сите оценки и согледувања на наставникот во текот на онлајн наставата ќе се користат за формирање на оценката за третото тримесејче на секој ученик во паралелката, стои во упатството. Нив ќе треба да ги внесат во Евидентен лист објавен на страницата на Бирото за развој на образованието. Покрај ова, наставниците ќе внесуваат оценки и во Е-дневникот.

За учениците од стручното образование, пак, оценката ќе се формира преку досие за стекнати знаења и вештини за ученикот, односно е-портфолио во кое ќе бидат сите изработени проектни задачи.

Во упатството стои и дека наставниците и родителите треба да бидат во редовна комуникација за напредокот на ученикот.

Целото упатство може да се прочита на следниот ЛИНК.

Е.П.