МОН: Настава во училиштата утре ќе има и покрај штрајкот

Министерството за образование и наука (МОН) утрово соопшти дека и од утре (11 април), за кога е најавен штрајкот од страна на раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно – образовен процес.

Од МОН додаваат дека правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година.

„Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година. Училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно – образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи, каде што впрочем им е местото“, стои во соопштението на МОН.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) за понеделник (11 април) најави генерален штрајк на своето членство во градинките, основното и средното образование поради нивните барања за усогласување на платите во просветниот сектор со минималната плата.

Од Синдикатот велат дека станува збор за класичен штрајк, односно дека вработените нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес.

„Членовите на СОНК, заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат правата кои им следуваат со закон и колективен договор, преку искажување на јавно незадоволство, односно преку Генерален штрајк. Оттука, СОНК ги повикува своите членови да останат единствени и сплотени  во борбата за заштита на своите права, преку која сите засегнати во државата ќе ја сфатат сериозноста, силата и големината на нашиот Синдикат. СОНК бара разбирање и поддршка од родителите на учениците, заради времениот прекин на воспитно-образовниот процес односно прекинот на работа на детските градинки, основните и средните училишта, како и ученичките и студентските домови“, рекоа од СОНК.

СОНК изминативе недели оствари повеќе средби со Владата и со социјалните партнери Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, но од Синдикатот велат дека преговорите не довеле до никаков резултат.

Претходно и од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) соопштија дека и покрај штрајкот, вработените во предучилишните установи за деца се должни да обезбедат непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.

„Сите предучилишни установи треба да го почитуваат Законот, Уставот на Република Северна Македонија и Конвенцијата за правата на детето и да го организираат згрижувачко воспитниот процес. Поради тоа ја известуваме јавноста и родителите дека сите предучилишни установи во деновите на најавениот штрајк, ќе ја обавуваат својата дејност згрижување и воспитание на децата како и до сега“, посочија од МТСП.