Влада: Нема продолжување на учебната година во средните училишта

Владата на вчерашната редовна 44 седница ја донесе Одлуката за утврдување на бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во средните училишта.

Со оваа одлука се утврдува дека бројот на наставните денови во тековната учебна година во средните училишта изнесува 146 наставни денови, односно дека нема продолжување на учебната година.

Продолжувањето на учебната година беше ставена во знак прашање откако на 1 април Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) започна штрајк, а наставата за голем број ученици не се одржуваше. СОНК и Министерството за образование и наука минатата недела ги продолжија преговорите за уште 10 денови, откако претходно штрајкот беше ставен во мирување.

СОНК уште од старт бараше зголемување на платите за 18,5 отсто, односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Владата понуди 12 отсто повисоки плати.