„Мој Пат“ – апликација за граѓаните да ги пријавуваат недостатоците на патиштата

„Мој Пат“ е наречена апликацијата и веб-платформата на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), наменета за пријавување недостатоци на магистралните, регионалните и локалните патишта во Македонија од учесниците во сообраќајот.

Проектот, велат од АМСМ, има цел да им овозможи на пешаците, велосипедистите, возачите и мотоциклистите, од своја перспектива, да ги идентификуваат и пријавуваат недостатоците на патиштата и на тој начин да се систематизираат напорите на граѓаните да придонесат во подобрување на патната инфраструктура.

Од АМСМ додаваат дека преку користење на платформата, граѓаните можат да бидат сигурни дека нивните напори нема да останат залудни.

„Сите пријавени недостатоци на патиштата, АМСМ со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, во форма на периодичен извештај, ќе ги доставува до надлежните институции за нивно отстранување, при што корисниците на мобилната апликација и на веб платформата ќе можат да го следат статусот на пријавените недостатоци – од статус на пријавени недостатоци од страна на корусник, преку статус на пријавени недостатоци до надлежни институции до конечниот статус на отстранет недостаток на пат“, велат од АМСМ.

АМСМ соопштува дека „Мој Пат“ е активно поддржан од Министерството за транспорт и врски, ЈП за државни патишта, МВР, ЗЕЛС и Град Скопје.

Промоцијата на веб-платформата и апликацијата, која ќе биде достапна за корисниците на Android и iOS смартфони, ќе се одржи утре во 11 часот.