МНР: Се зголемува бројот на македонски државјани затечени во загрозените подрачја во Израел и на Западниот брег

Постојано се зголемува бројот на македонски државјани кои се пријавуваат дека се затечени во и околу загрозените подрачја во Израел и на Западниот брег, соопштија денеска од Министерството за надворешни работи (МНР), повикувајќи се на информации од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, како и според јавувањата на СОС телефонот во МНР во Скопје.

Од таму велат дека со сите пријавени македонски државјани се одржува постојан контакт од страна на амбасадата, при што се преземаат подготвителни мерки за евентуална асистенција за нивната безбедноста евакуација.

Со оглед на влошената безбедносна состојба, министерот за надворешни работи Бујар Османи по итна постапка оформил кризен штаб во рамките на МНР. Целта на кризниот штаб е да ги следи, координира и систематизира сите постапки поврзани со нашите државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја и на кои ќе им биде потребна помош или асистенција за безбедно евакуирање.

Од МНР информираа дека утрово била испратена и итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија во околните земји, за нивна посебна подготовка за евентуални активности и нивна 24 часовна достапност како за централата во Скопје, така и за евентуалната комуникација со граѓаните.

„Дипломатската мрежа е во контакт и со колегите од дипломатските претставништва на пријателските земји, кои исто така се во подготовка за организирана асистенција на затекнатите граѓани во и околу загрозените подрачја“, соопштија од македонското МНР.

Од таму ги повикуваат македонските граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во Централата во Скопје.

За повеќе информации, во МНР велат дека на располагање се СОС дежурниот телефон 075273732, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Израел +972-54-926-7378.

Министерот Османи денес на својот колега, министерот Ели Коен, му изразил сочувство за жртвите и последиците, притоа силно осудувајќи ги континуираните напади врз Израел, кои започнаа со вчерашниот напад од страна на Хамас. Османи го реафирмирал ставот на Министерството за итно ослободување на сите цивили кои се држат во заложништво од страна на Хамас, како и итно прекинување на било какви насилни дејствија врз Израел.