Младите во фокусот на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот

Министерството за надворешни работи на Република Македонија, традиционално, со комеморативна церемонија го одбележа 27 јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот. Со ова, посочија од МНР, се оддава почит на сите жртви на Холокаустот, вклучувајќи ги и 7144 Евреи од Македонија.

Во говорите на комеморативна церемонија на која присуствуваа високи претставници на Владата и меѓународната заедница, беше нагласено дека фокусот на активностите на планот на Холокаустот се ставаат на младите, со цел овој најтрагичен настан од поновата историја на човештвото да не биде заборавен ниту било кога повторен.

Водени од таквите заложби, во Министерството беше отворена изложбата „Изгубениот свет на сефардските Евреи од Западниот Балкан” на која, ученици од основното училиште Петар Поп Арсов од Скопје беа водичи, специјално обучени за оваа прилика.

На 11 и 12 март 2018 година, Република Македонија ќе одбележи еден мошне важен и трагичен настан од нејзината историја – 75 годишнина од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка, од каде што ниеден од нив не преживеа.