Во 2025 година, 73,1 отсто од младите на возраст од 16 до 29 години во Европската Унија практикувале физичка активност надвор од работното време најмалку еднаш неделно. Кај вкупното население на возраст од 16 години и повеќе, тој удел изнесувал 61,6 отсто, покажуваат податоците на Евростат.
Најголемите разлики се забележани кај оние кои се физички активни неколкупати неделно. Меѓу младите, 18,3 отсто практикувале физичка активност четири до шест пати неделно, наспроти 12,8 отсто од вкупното население.
Уделот на оние кои биле активни најмалку еднаш дневно бил речиси еднаков: 20,9 отсто кај младите и 20,2 отсто кај населението на возраст од 16 години и повеќе. Истовремено, 16,3 отсто од младите изјавиле дека никогаш не практикуваат физичка активност надвор од работното време. Кај вкупното население, овој процент бил повисок и изнесувал 26 отсто.
Податоците покажуваат разлики и меѓу младите мажи и жени. Физичка активност четири до шест пати неделно практикувале 20,6 отсто од мажите и 16 отсто од жените на возраст од 16 до 29 години. Никаква физичка активност надвор од работата пријавиле 17,8 отсто од младите жени и 14,9 отсто од младите мажи.
На ниво на земји, најголем удел на млади кои не практикувале физичка активност е забележан во Малта, со 31 отсто, Португалија со 28,5 отсто и Бугарија со 28,4 отсто. Во Грција, Данска, Финска и Холандија, овој удел бил под три отсто.




