Кавадарци со научна конференција и академска читална ќе му оддаде почит на академик Блаже Ристовски

Научната конференција „Акад. Блаже Ристовски – живот и дело“, посветена на 95-годишнината од неговото раѓање, ќе биде свечено отворена на 15 октомври во 11 часот во малата сала на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.

Конференцијата се одржува под покровителство на Советот на Општина Кавадарци и градоначалникот Митко Јанчев. Настанот има цел да му оддаде почит на научното и општественото дело на Ристовски и на неговиот придонес во афирмацијата на Македонија.

Блаже Ристовски (1931-2018) беше славист, филолог, културолог, историограф, фолклорист и литературен историчар. Покрај научната работа, активно учествуваше и во процесот на осамостојување на македонската држава. На свеченото отворање се најавени поздравни обраќања на директорот на ЈОУ Библиотека „Феткин“, Петар Гурев, градоначалникот Митко Јанчев, митрополитот Повардарски Агатангел и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Живко Попов.

Пленарни излагања ќе имаат Јордан Плевнеш, Вера Битракова, Сашо Цветковски, Иван Џепароски, Лилјана Макаријоска, Нада Јурукова и Тодор Цепреганов. Во рамките на програмата е предвидено и свечено отворање на Академската читална „Блаже Ристовски“ во библиотеката „Феткин“ во Кавадарци.