Околу 170.000 постари лица во Европа се без дом, предупредува нов извештај на ЕУ

Околу 170.000 лица постари од 65 години во Европа се соочуваат со бездомништво, додека вкупниот број луѓе без дом на континентот се проценува на 1,4 милиони. Ова се наведува во 11. годишен преглед на станбената исклученост, објавен од Европската федерација на национални организации што работат со бездомници (FEANTSA) и Фондацијата за домување, пренесува Анадолија.

Според процената, 166.261 лице постаро од 65 години живее на улица, во итно сместување или користи услуги за луѓе без дом. Авторите предупредуваат дека вистинскиот број веројатно е поголем, бидејќи податоците се нецелосни, а некои земји воопшто не ги вклучуваат постарите лица во официјалната статистика.

Од 23 европски земји со понови податоци, во 17 е забележан пораст на бездомништвото. Во Ирска бројот се зголемил од 3.738 во 2014 година на 17.447 во 2026 година. Во Португалија пораснал од 4.414 во 2017 на 14.476 во 2024 година, а во Франција од 110.894 во 2009 на 318.185 во 2024 година.

Финска бележи значително долгорочно намалување, но меѓу 2023 и 2025 година и таму бројот на луѓе без дом се зголемил за 34 отсто.

Во извештајот се нагласува дека националните податоци не се директно споредливи поради различните дефиниции, старосни граници и методи на евидентирање. Европската процена за постарите лица е изведена од податоци од девет земји.

Станбената несигурност во староста се поврзува со намалени приходи по пензионирањето, губење на партнерот и трошоци за домување што стануваат недостапни. Таа опфаќа и несоодветни услови за живеење, опасност од иселување и енергетска сиромаштија. Жените се особено ранливи поради просечно пониските пензии. Бездомништвото има сериозни последици врз здравјето. Во Франција во 2023 година починале најмалку 735 луѓе без дом, со просечна возраст од 49 години.

По повод Меѓународниот ден за борба против бездомништвото, организации во Србија ја покренаа иницијативата „10/10/10/10“. Тие бараат достапно домување, превенција на губењето дом, подобри социјални услуги, здравствена заштита и бесплатен оброк без административни пречки, како и буџетски средства за спроведување на мерките.