„Младите на Штука-Иловица против рудникот“ со пораки пред Управен суд: Ние сме овде

Иницијативата „Младите на Штука-Иловица против рудникот“ со нова акција поставија пораки пред Управниот суд, на кои пишува „Кој управува со Управен?“, „Долу маските“, „Доста игравте пинг-понг“, „Сакам френка не отров“, „НЕ за рудник“ и „Народот е овде“.

„По повод последните информации во врска со Управниот суд кој преиспитувајќи по стоти пат, а диригиран под влијание на надворешни ‘невидливи сили’, одлучил да ја прифати тужбата на сега веќе ‘еколошкиот концесионер’ Еуромакс (читај: Еколог) и да ја поништи одлуката за едностран раскин на договорот за концесија на Владата, а со тоа наложувајќи и на Владата повторно да размисли т.е. наредувајќи и да ја преиначи својата одлука и да и дозволи на пропадната компанија да профитира на наш грб, го посетивме Управниот суд да го известиме дека не го заборавивме и не ја баталивме нашата борба за животот кој го сакаме. Овде сме! Никогаш не сме заминале некаде!“, соопштуваат од иницијативата.

Ти посочуваат дека овде биле и ќе бидат цело време.

„Ќе ве следиме во чекор и вас и сите засегнати околу вас! Воедно и ви даваме до знаење дека ние одамна не веруваме во корумпираната правда која ја нудите и ве советуваме тоа и да го сфатите веќе еднаш! Ние не отстапуваме! А на вашите ‘газди’ да им пренесете дека ќар и пари за сметка на нашите животи тешко ќе видат! Долу маските! Доста беа пинг-понг игри! Можеби вие ќе се испазарите и ќе се договорите за колку да не продадете, но, ние самите знаеме колку вредиме и колку се ценети нашите животи па нема сила која ќе не убеди дека сме безвредни! Затоа отстапете, Ние сме овде!“, соопштува иницијативата „Младите на Штука-Иловица против рудникот“.

Инаку, еколошката онлајн платформа Дома пред два денови објави дека Управниот суд ја уважил тужбата на „Еуромакс Рисорсес“ против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, но не и за спојување на двете концесии за оваа локација. Според истражувањето на медиумот, како аргумент е искористен фактот што Министерството за економија го прифатило Барањето за издавање дозвола за експлоатација како навремено пред да го отфрли поради некомплетна документација.

Тетовецот Назиф Дестани, основач на компанијата „Еколог“ преку негова фирма во Холандија на 24 јануари годинава вложил три милиони долари во акции од компанијата „Еуромакс“.Само петнаесетина дена откако Дестани ги купил акциите во „Еуромакс“, Вишиот управен суд одлучил да ја уважи жалбата на канадската компанија на одлуката на Владата да го раскине договорот за една од концесиите за експлоатација на руда на оваа локација.

Активистите од „Здрава котлина“ се сомневаат дека на ова влијаело тоа што Дестани е човек близок до владејачката ДУИ и ги користи политичките врски за да го протурка проектот кој може да предизвика еколошка катастрофа во струмичко, објави Дома.

Фото: Фејсбук /Младите на Штука-Иловица против рудникот