„Младите на Иловица-Штука против рудникот“: Ќе се бориме до крај, ова е борба за своите права

Оваа борба е борба за своите права, никакви други цели и намери освен да се зачува природата и правото да се живее во здрава животна средина, велат од иницијативата „Младите на Штука-Иловица против рудникот“ кои стојат рамо до рамо со активистите, локалното население, но и здруженијата кои активно се противат на отворањето рудник во Иловица.

Во последниов месец повторно се актуелизираше прашањето за изградба на рудник во Иловица, откако Управниот суд пресуди во полза на компанијата „Еуромакс“, односно, донесоа пресуда за уважување на нивната тужба. На ова, реагираа од Министерството за економија од каде најавија дека ќе ја обжалат пресудата на други инстанци.

За ваквата одлука на Управниот суд, од иницијативата велат дека во секој случај биле подготвени. Првата битка била добиена со тоа што се избориле да се слушне нивниот глас и да се поправи, како што велат, веќе направената грешка со одземање на концесијата.

ФОТО: Браната кај Иловица / Радио МОФ

„Меѓутоа, секако дека знаевме дека концесионерот ќе ја обжали ваквата одлука имајќи во предвид дека досега вложуваа пари на сите страни, да не речеме и поткупи во вид на донации со цел да го примамат народот на своја страна. Така да ништо чудно дека и во оваа етапа имаат ‘вложено’ нешто настрана за добивање одлука во своја корист. Во секој случај сме револтирани и гневни на ваквата одлука сите имајќи во предвид дека концесионерот имаше прекршено повеќе клучни обврски од договорот“, потенцираат од иницијативата.

Во периодот што следува, најавија дека младите ќе се активираат со неколку форми на отпор. Преку ова сакаат да и ја доловат на јавноста сликата за она за што се борат, но и да дадат еден апел до институциите да не забораат дека тие тука живеат и дека имаат право да одлучуваат во каква околина ќе живеат.

„Секако доколку со мирни активности и понатаму не бидеме сфатени сериозно, во смисла дека ние сме деца и не разбираме како функционират работите, спремни сме да бидеме истрајни докрај и на секаков можен начин да им порачаме дека време е за промени и младите се тие кои се носители на промените. Не сме деца и размислуваме зрело со чиста мисла и една цел – Рудник во нашето опкружување не прифаќаме. Без разлика колку да не убедуваат дека нема да биде штетен свесни сме дека не постои неопасен рудник а природата кога тогаш враќа со сета своја сила и моќ. Затоа овде сме и ќе се бориме до крај!“, порачуваат оттаму.

Младинската иницијатива функционира без хиерархија во носењето одлуки нема точна бројка на луѓе кои се вклучени во нивната активности, поради тоа што, како што велат, е вклучена речиси цела млада популација која што живее во тој регион, односно, пред се’ младите од селата Штука и Иловица.

Архивска фотографија од собирите против рудникот Иловица

„Па, не би било соодветно да речеме точна бројка, бидејќи единствени млади личности кои не се со нас се неколкумина наши врсници кои се надеваат на лагите и фрлените пари од Еуромакс дека тие ќе бидат главната работна сила во потенцијалниот иден рудник. Жал ни е другари ја згрешивте страната, одбравте бедни парични надоместоци во замена за здравјето, меѓутоа ние сме овде се бориме и за вашата иднина и здравје“, велат од иницијативата.

За нивната борба велат дека се едноставно млади личности на кои животот допрва им почнува, па оттука додаваат дека се’ што сакаат е да го обезбедат опстанокот и иднината таму.

„Знаејќи колку се’ повеќе и повеќе чистиот воздух станува реткост би било незамисливо без отпор да дозволиме еден ден да го немаме и да го планираме животот некаде надвор одовде. Покрај тоа, оваа борба не’ учи дека животот не е розов и секогаш треба да се бориме за своето и општественото добро, без разлика на какви препреки ќе налетаме секогаш треба да имаме цврст став да ја истераме правдата на виделина“, потенцираат од иницијативата.

Интерес за вклучување на младите во еко-активности велат дека има, еколошката свест кај младите сметаат дека пораснала, а со текот на времето, се’ повеќе сфаќаат колку е важна природата, но и важноста на нивното залагање за одржување на чистата околина.

Пред два дена, тие спроведоа и еколошка акција за чистење на нивната средина, а здружението „Еко Долина“, кое е исто така против изградба на рудник во Иловица, вчера заедно со поддржувачите од регионот организираше и моторизиран протест на кој велат дека учествувале луѓе со над 250 автомобили. Истовремено, „Здрава котлина“ излезе со соопштение до Виш Управен суд, Судечкиот совет и политичките партии со порака: „Решете го рудникот на смртта или народот ќе го реши“. Вчерашниот протест наиде на реакција од компанијата „Еуромакс“ од каде тврдат дека рудникот нема да ги загадува почвата, водата и воздухот.

[Фото] Над 250 автомобили учествуваа во моторизираниот протест против пресудата за „Иловица-Штука“

Мартин Колоски