„Еуромакс Рисорсис“: Рудникот „Иловица-Штука“ нема да ги загадува почвата, водата и воздухот

Од компанијата „Еуромакс Ресорсис“ преку соопштение до медиумите велат дека денес го проследиле протестот во Струмица.

Според  компанијата, во Струмица „за жал во континуитет се соочуваме со една група активисти кои во име на заштита на животната средина, но без издржани аргументи артикулираат обвинувања, повикуваат на омраза и осуда кон Проектот- ‘Рудник на Можности Иловица-Штука’, но и кон сите кои ја поддржуваат неговата реализација, не верувајќи во празното повторување невистини, дезинформации и апокалиптични сценарија“.

„Го почитуваме сечие право за слободно изразување, но разочарани сме што оваа група се обидува во предизборниот период неодговорно да ‘се пазари’ со судбината на илјадници жители од регионот кои преку Проектот имаат можност да си обезбедат квалитетни работни позиции и значително подобрување на животниот стандард“, тврдат од компанијата.

Од таму велат дека проектот за рударскиот комплекс „Иловица-Штука“ е развиен врз повеќегодишни истражувања за влијанието врз животната средина, применувајќи ги највисоките европски и светски стандарди.

„Оваа најголема директна странска инвестиција во државата нема да ја загадува почвата, водата и воздухот, ниту ќе претставува опасност за здравјето на луѓето. Работејќи заедно, сите ќе докажеме дека во новата ера – Одржливото Рударство и Земјоделство Можат Успешно да Егзистираат Заедно. Ваква капитална инвестиција има реален капацитет сериозно и ефикасно да го забрза заздравувањето на регионалната и на националната економија. Проектот ќе создаде илјадници директни и индиректни работни места а од даноците и од другите законски давачки кои Еуромакс ќе ги уплаќа во буџетот, ќе се вложува во подобрување на локалното образование, социјалните програми и здравствената заштита, како и за модернизација на локалната инфраструктура“, стои во соопштението на компанијата до медиумите.

Апелираат до сите граѓани и релевантни институции „пред да донесат одлука за иднината на Проектот, добро да се информираат за сите точни и аргументирани факти за изградба и оперирање а посебно во делот за заштита на животната средина“.

Инаку, повторното незадоволство на активистите и граѓаните од југоистокот на Македонија се разгоре откако судечкиот совет на Управниот суд на 31 март донесе пресуда во полза на „Еуромакс“. Судот ја уважи тужбата на компанијата што сака да гради рудник во Иловица.

Ваквиот тек на настаните дојде откако компанијата ланскиот октомври поднесе тужба до Управниот суд против решението донесено од Второстепената државна комисија, која ја одби жалбата на „Еуромакс“.

Претходно, Второстепената комисија ја потврди одлуката на Министерството за економија за одбивање за експлоатација на „Иловица“. Владата објави и дека дозволата за „Иловица“ е одбиена, бидејќи од „Еуромакс“ не биле доставени сите потребни документи за експлоатација согласно Законот за минерални суровини.

Годинава, пак, на пресудата на Управен суд веднаш реагираа локалните активисти и граѓани. Меѓу другото, најавија дека ќе организираат герила-акции, објавуваат документи од свиркачи, ќе поднесат кривични пријави, но и дека ќе покренат иницијатива меѓународна истрага во соработка со еколошки и медиумски меѓународни организации за истражување на висока корупција поврзана со потенцијалниот рудник Иловица-Штука.

Граѓани веќе имаа симболична акција со возење велосипеди низ природата што ја нуди крајот, а денеска се одржа протест со име „Управен суд ја искриви, Виш суд да ја исправи“.

[Фото] Над 250 автомобили учествуваа во моторизираниот протест против пресудата за „Иловица-Штука“