Младинска школа за диџејство во „Бруталиск“

Во соработка со Арт Бригада и познати диџејски имиња и музички педагози, „Бруталиск“ ова лето на младите во Скопје што се на возраст од 15 до 19 години им нуди прилика низ забава да учат за клабингот и диџејството, да користат диџејска опрема и софтвер и да научат да изведуваат и продуцираат електронска музика и хип-хоп.

„Школата за диџејство има за цел стекнување на едукативно, практично знаење за диџејството преку интерактивна, практична настава и сеопфатен пристап кон разработка на предвидените теми“, велат од „Бруталиск“.

Конципирана е во 10 работни средби во временски период од две недели, со фиксен термин од 14 до 17 часот секој работен ден. Една работна средба трае три саати со предвидена една пауза од 30 минути.

„Часот е организиран така што освен теоретското предавање на содржините предвидени во курикулумот, предвидува и практично работење и вежбање на добиените знаења и вештини поврзани со диџејството“, соопштуваат од „Бруталиск“.

На крајот од школата на 1 јули ќе се одржи вечерен настан во „Бруталиск“ каде учесниците пред публика ќе ги покажат стекнатите вештини.

Регистрации и прашања во инбокс кај „Бруталиск“ или на radiograd.sk@gmail.com. Бројот на местата е ограничен на 15 и е по принципот прв „дојден, прв услужен“.

Пријавените треба да поседуваат сопствен лаптоп и слушалки, останатата опрема е обезбедена од организаторот.