Министерството за култура смета дека е направена правилна распределба на средствата за „Роман на годината“

По јавното соопштение на Фондацијата „Славко Јаневски“ за одбиената жалба поднесена по повод скратените средства кои ги добиле од Министерството за култура за наградата „Роман на годината“, се огласи и Министерството од каде велат дека внимавале на правилна распределба на средствата за апликантите кои се пријавиле годинава без никакви тенденциозни намери.

„Стручната комисија која одлучуваше по пристигнатите проекти годинава во услови на глобална економска криза и намален Буџет, беше исправена пред предизвикот да се направи квалитетна и коректна селекција на пристигнатите проекти. Притоа се водеше сметка да се постигне разновидност, да не се наруши традицијата во случај на манифестациите, едициите, одбележувањето на значајните јубилеи, како и, во однос на предложените манифестации, да бидат задоволени потребите на граѓаните за квалитетни културни настани во државата“, велат оттаму.

Во дописот до медиумите Министерството инфромира дека во делот на Конкурсот за литература и издавачка дејност, биле поднесени над 1.200 пријави за публикации (книги – авторски и преводи, изданија за деца, списанија и електронско издаваштво), како и над 70 пријави за манифестации (литературни фестивали, награди, конкурси, работилници и слично).

„При тоа уште еднаш нагласуваме дека Министерството за култура учествува во поддршката на проектите, а не во нивното целосно финансирање. Значењето на Манифестацијата ‘Роман на годината’ е неспорно и затоа и оваа година доби поддршка во избраните проекти на Годинешниот конкурс“, стои во соопштението.

Од Фондацијата „Славко Јаневски“ денес реагираа дека Министерството за култура годинава ги скратило за пет пати средствата споредено со лани, по што тие поднеле жалба до Државната комисија за управни постапки за која оттаму рекоа дека е неоснована.

Фондација „Славко Јаневски“: Ако на Македонија не ѝ е потребен „Романот на годината“, тогаш не гледаме причини зошто би ни бил и нам