Mинимални казни за трујачите, неодговорните сопственици и за мачењето животни

Полицијата поднела предлози за кривично гонење во 101 случај против 73 сторители за мачење животни во периодот од јануари 2019 година до 30 јуни 2023 година, а само за 48 случаи има правосилни пресуди. Најчесто сторителите кои стигнале до правосилна пресуда се казнувани со 200-300 евра казна или пак добиваат условна казна, за разлика од практиката во земјите на ЕУ, пишува новинската агенција Мета.

„Докторот што со патничко моторно возило влечеше куче врзано за автомобил заработи кривична пријава, а кучето му е одземено“.

„Х.Х. организирал борби помеѓу две кучиња, а потоа снимениот материјал од борбата го објавил на социјална мрежа. Едно од кучињата со видливи повреди било пронајдено во напуштена куќа во тетовско Селце, по што било предадено на Агенцијата за храна и ветеринарство“.

„Обвинетиот, на 08.01.2023 на улицата “Индустриска” во Неготино, со намера да усмрти кучиња, истурил течен отров помешан со храна. Иако бил свесен дека на местото има голема раздвиженост на луѓе кои би можеле да дојдат во допир со отровот, тој свесно предизвикал значителна опасност“.

Ова се само дел од насловите кои долг период наназад осамнуваат во македонските медиуми, а кои се поврзани со мачење и убивање животни – дело казниво според член 233 од Кривичниот законик.

Но, колку од овие случаи добиваат епилог и дали соодветно се санкционираат, иако, на пример, расфрлањето отрови на јавни површини, во опасност може да ги доведе во опасност и луѓето, освен животните, кои се најчеста мета на трујачите.

Па така, полицијата поднела предлози за кривично гонење во 101 случај против 73 сторители за мачење животни во периодот од јануари 2019 година до 30 јуни 2023 година, а само за 48 случаи има правосилни пресуди. Многу од предлозите за кривично гонење не се процесираат понатаму, а најчесто сторителите кои стигнале до правосилна пресуда се казнувани со 200-300 евра казна или пак добиваат условна казна, за разлика од земјите во ЕУ, каде за ваквите дела, кога станува збор за убиства и мачење животни, казните се драконски.

Овие податоци се само дел од истражувањето направено рамки на проектот „Проценка на влијанието на употребата на Законот за заштита и благосостојба на животните: Вклучување на сите релевантни субјекти во процесот на инклузивно создавање на јавни политики преку достапните механизми за носење на законите“ реализиран преку Програмата за механизам за граѓанска отпорност (МГО), финансирана од Европската Унија.

„За споредба, во Република Грција, казната за убивање и мачење животни се движи од 30.000 до 50.000 евра согласно Законот за благосостојбата на милениците. Дополнително, овој закон предвидува двојно зголемување на казната доколку сторителот го повтори делото. Кај нас, неопходно е зголемување на паричните казни, но и ефективната казна затвор за ова кривично дело, имајќи превид дека во последните 5 години никој не одлежал ефективна казна затвор поради убивање и мачење животни“, вели Милка Докузова, истражувач и координатор на проектот.

Таа смета дека евидентна е потребата од едукација на полициските службеници по ова прашање, кои често одбиваат да ги прифатат пријавите од граѓани за мачење животни, под изговор дека тоа не е нивна надлежност, дури и кога станува збор за пријави кои се доставуваат на писмено, до архивите на полициските станици.

Во рамки на истражувањето биле побарани информации од сите чинители, како што се Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Инспекцискиот совет, МВР, основните јавни обвинителства и основните судови во државата.

Поразителни се бројките за бројот на изречени едукации и прекршочни платни налози за периодот од 2016 до 2022 година од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Па така, над 44 вработени – инспектори при Одделението за државна инспекција за здравствена заштита на животните, изрекле вкупно 154 мерки едукација и издале вкупно 33 прекршочни платни налози за сторени прекршоци.

Ова значи дека еден инспектор, за вкупно 6 години издал само 0,75 прекршочни платни налози и извршил 3,5 едукации.

Уште попоразителен е фактот дека од 44 вработени инспектори, 22 воопшто не издале ниту прекршочни платни налози, ниту пак извршиле едукации за периодот од 2016 до 2022 година.„Практично, оние кои имаат обврска да го спроведуваат Законот за заштита и благосостојба на животните и подзаконските акти се истовремено оние кои сериозно потфрлаат и во превентивните мерки, имајќи предвид дека сѐ уште немаме забрана за слободно размножување на кучиња и следствено не го контролираме изворот на проблемот на никаков начин, но и во делот на санкционирање на незаконските дејствија. Нашите препораки се во насока на формирање на засебна организациона единица при АХВ“, смета Докузова.

Во Инспекцискиот совет пак, за периодот од 2018 до 2023 година, пристигнати биле 20 претставки кои се однесуваат на пропусти во работењето на инспекторите при Агенцијата за храна и ветеринарство. Од тие 20 претставки, само за 5 било констатирано дека се основани, додека останатите 15 се отфрлиле како неосновани.

Но, улогата на Инспекцискиот совет како институција која треба да ја следи и координира работата на инспекциските служби, дополнително се разводнува со измените на Законот за инспекциски надзор во 2019 година, со кои им се одзема можноста тие самостојно да покренуваат и водат дисциплински постапки против инспектори.

„Со ова, можноста да постои надворешен механизам на контрола врз работата на инспекторите е заменета со водење на дисциплинските постапки во рамки на секоја институција, што, во контекст на нашето опкружување, е прилично проблематично“, вели Докузова.

Во земјава долго време се провлекува проблемот на неодговорното сопствеништво – клучниот причинител зошто во државата има толку голем број бездомни животни. Така, на пример, МВР секојдневно евидентира пријави на граѓани кои се нападнати од уличните кучиња, но коренот на овој проблем останува да тлее – причините за зголемувањето на бројот на бездомните животни не се решава, а наместо тоа постојат обиди да се санираат само последиците, што исто така чини огромни суми пари.