Микропластиката може да навлезе во секој орган и да влијае на однесувањето на луѓето, покажува нова студија

Ново научно истражување кое го анализирало влијанието на микропластиката врз глувците покажува дека овие малечки честички можеби предизвикуваат промени во однесувањето.

Научниците велат дека микропластиката може да биде многу раширена низ телото, како што е тоа случај со природата.

Тие ги изложиле глувците на различни нивоа на микропластика преку вода за пиење и го проучувале влијанието кое го има врз органите и однесувањето на овие животни.

Микропластика се малечки пластични честички, помали од 5 милиметри, кои се разложуваат од поголемите парчиња пластика, како што е онаа која се наоѓа во облеката, гумите или други предмети.

Во студијата објавена во Меѓународниот журнал на молекуларна наука, авторите откриле дека малечките пластични честички се акумулираат во секое ткиво кое го проучувале, па дури и длабоко во мозокот.

„Со оглед на тоа што во истражувањето микропластиката се внесувала орално, преку вода за пиење, регистрирање на овие честички во ткивата како што се оние на гастроинтестиналниот тракт, кој е голем дел од дигестивниот систем, или пак во црниот дроб и бубрезите секогаш беше веројатно да се случи. Но, забележување на микропластиката во ткива како што се оние на срцето и белите дробови, покажува дека микропластиката се протега надвор од дигестивниот систем и веројатно е дел од системската циркулација“, објаснува Џејми Рос, професор од Универзитетот на Роуд Ајленд во САД.

Изложувањето на пластика водело кон промени во однесувањето на глувците слични на оние на деменција кај луѓето, покажува студијата, а постарите глувци биле под поголемо влијание од помладите.

„Никој навистина не го разбира животниот циклус на оваа микропластика во телото, па така едно од прашањата на кои баравме одговор беше што се случува кога ќе остарете. Дали сте поподложни на системски воспаленија од овие микропластики додека станувате повозрасни? Може ли телото да се ослободи од нив лесно? Дали клетките реагираат различно на овие токсини?“, додава Рос во соопштението до медиумите.

Авторите на студијата бараат дополнителни истражувања со кои ќе се утврди како пластиката го менува мозокот, откако нивното истражување сугерирало дека микропластиката може да го намалува протеинот кој влијае на клеточните процеси во мозокот.

Микропластиката веќе е забележана во алармантни нивоа во природата, откако последниве децении драстично е зголемен пластичниот отпад.

Студија од 2019 година на канадски научници процени дека луѓето внесуваат меѓу 39.000 и 52.000 честички микропластика годишно, во зависност од нивната возраст и пол. Овој број може значително да се зголеми доколку луѓето пијат вода од чешма или од шише, бидејќи на тој начин се повеќе изложени на микропластика.

Истражувања исто така покажаа дека овие малечки честички пластика се акумулираат во човековите органи. Претходно микропластика беше пронајдена во човековата крв, белите дробови, столицата, па дури и во плацентата, но и понатаму се ограничени сознанијата за тоа како овие честички влијаат врз здравјето на луѓето.