Мета ќе го блокира пристапот до вести за корисниците на Фејсбук во Канада по усвојувањето на Законот за медиуми

На корисниците на Фејсбук и Инстаграм во Канада ќе им биде блокиран пристапот до вести од Канада, објави вчера матичната компанија Мета, откако Отава го усвои законот со кој се бара од технолошките гиганти да плаќаат за таква содржина, јавува Франс прес.

Гугл, кој е уште еден критичар на Законот за онлајн вести, претходно изјави дека размислува за сличен потег.

Двата гиганти од Силиконската долина се спротиставија на нацрт-законот, кој има за цел да го поддржи канадскиот медиумски сектор кој е силно погоден и кој доживеа затворање на стотици публикации во последната деценија.

Министерот Пабло Родригез рече дека одлуката на Мета да ги блокира вестите е за жалење, но вети дека „ќе се залага за Канаѓаните против технолошките гиганти“.

Неговата канцеларија соопшти дека официјални лица се сретнале со Фејсбук и Гугл оваа недела и дека со нетрпение очекуваат понатамошни дискусии за новиот закон.