„Менструалната хигиена не е луксуз“ – Протест во Скопје за намалување на ДДВ-то на менструалните производи

По повод 28 мај – Денот на менструалната хигиена, на 30 мај 2022 (понеделник) ќе се одржи мирен собир пред Министерството за Финансии на РСМ во организација на Центарот за истражување и креирање политики и Новинари за човекови права.

Од овие организации велат дека како резултат на немање пристап до услови за управување со менструалното здравје, девојчињата и жените заостануваат во општеството, со што се попречуваат нивните можности за еднаквост и учество во јавниот живот. Стапката на ДДВ за менструалните производи е 18 % – исто колку и за шише виски или, пак, кутија цигари.

„Со цел намалување на менструалната сиромаштија гласно ќе побараме од надлежните во ресорното Министерство преземање на конкретни мерки со кои ќе се врати достоинството на жените и девојчињата во државата. Менструалното здравје е прашање од јавен интерес, а менструалната правда е предуслов за социјална правда. Менструалната хигиена не е привилегија“, велат организаторите.

Нема опис за фотографијата.

Собирот ќе почне во 13 часот пред зградата на Министерство за Финансии, а организаторите повикуваат граѓаните да им се придружат во нивните барања.