Меѓународната манифестација „Празник на липите“ утре во ДПМ

Годинашната традиционална меѓународна манифестација “Празник на липите”, ќе се одржи во свечената сала на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) утре (14 јуни), со почеток во 11 часот.

Манифестацијата ќе започне со интерпретацијата на песната „Липа” од Матеја Матевски, која годинава ќе ја прочита минатогодишната добитничка на наградата “Книжевен жезол” – поетесата Гордана Михаилова Бошнаковска.

Манифестацијата свечено ќе ја отвори претседателот на Друштвото на писателите на Македонија и ќе говори за поезијата на Новица Ѓуриќ, поет од Црна Гора – годинашен добитник на наградата „Книжевен жезол” за поетски опус.

За поезијата на Весна Ацевска, годинешната добитничка на наградата „Книжевен жезол” за поетски опус, ќе зборува Владимир Мартиновски.

Лауреатите Ѓуриќ и Весна Ацевска покрај плакетите, ќе добијат оригинални статуи на „Книжевниот жезол” изработени во даборез, а ќе биде објавена и промовирана и нивната заедничка книга “Поезија”.

Свеченоста ќе заврши со врачувањето на плакетите за наградите „Празник на липите” за најдобри творби на тема “Липа”, а годинашни добитници се Славица Дабевска Ќировска (за песна), Михајло Свидерски (за расказ) и Трајче Кацаров (за есеј).