Матуранти преку петиција бараат одложување на државната матура

Преку онлајн петиција, матуранти бараат одложување на овогодишната државна матура, а посочуваат дека причините за ваквото барање се поради двете учебни години кои тие ги поминаа со онлајн настава, како и продолжувањето на зимскиот распуст.

„Со штрајкот на професорите изгубивме дел од најклучните материјали, сметаме дека сме најоштетена генерација и немаме основа за да полагаме матура“, се вели во петицијата, која засега има собрано околу 8.000 потписи.

Вчера Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) соопшти дека штрајкот на просветните работници кој започна на 11 април се става во мирување, а од денес учениците се вратени во училиштата.

Претседателот на синдикатот Јаким Неделков, вчера истакна дека во наредниот период ќе се најдат соодветни заеднички решенија, онаму каде што застанале преговорите и дека нема да има потреба од активирање на штрајкот.

Ваквата одлука не беше прифатена од бројни професори и наставници кои потоа протестираа пред седиштето на СОНК, незадоволни од донесената одлука.

Во Инстаграм анкета на Радио МОФ, учениците и средношколците посочија дека ги поддржуваат своите наставници во штрајкот, но истовремено потенцираа дека не сакаат продолжена учебна година.