Матине со стручно водење низ тековните поставки и музика по повод 60 години Музеј на современа уметност во Скопје

Музејот на современа уметност – Скопје годинава одбележува 60 години од основањето. Од Музјеот најавуваат низа програмски активности во јубилејната 2024 година, од кои првата ќе биде во сабота (10 февруари) – дневен настан, матине со почеток од 12 часот.

На овој значаен јубилеен ден по 35 години, ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 –2023).

„По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на Музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на нашиот музеј, е конзервирано од стручниот тим на МСУ-Скопје и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања“, се вели во најавата.

На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр.35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти кои ги адресираат и вон-човечките простори.

По формалното обраќање, ќе има стручно водење низ тековните поставки со нашиот кустос-водич Бојана Јанева, проследено со симболичен коктел придружен со диџеј сет во неформална атмосфера.