Математичарот Дамјан Давков ќе биде награден за високите постигнувања

Од Министерството за образование и наука информираат дека ќе му доделат две парични награди на ученикот Дамјан Давков од Штип по основ на освоени високи места на меѓународни математички натпревари, односно за освоениот сребрен медал на Јуниорска балканска математичка олимпијада и за освоениот бронзен медал на Балканската математичка олимпијада. Двата натпревари се одржани во 2020 година.

Оттаму нагласуваат дека на јавниот повик на министерството за  доделување на парична награда за освоена прва, втора или трета награда на меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки, на ученикот, на наставникот кој му го предава предметот од овие области, како и на менторот кој го подготвувал ученикот за натпреварот, пристигнале две барања од страна на младиот талентиран математичар кој е актуелен со своите постигнувања на домашни и меѓународни натпревари по математика.

Потоа, Комисијата задолжена за разгледување на апликациите, оценила дека истите се во согласност со наведените критериуми и услови за остварување на ова право.

„Упатуваме честитки до ученикот, неговото семејство и до наставниците и менторите кои го подготвуваа за натпреварите, за постигнатите високи резултати и посакуваме во иднина уште повеќе и уште поголеми успеси. Младите како Дамјан Давков се најдобриот репрезент на државата на меѓународно ниво и потврда дека имаме висок човечки потенцијал кој ќе обезбеди подобра иднина за општеството“, велат од МОН.

Од министерството потсетуваат дека учениците кои имаат големи афинитети кон областа на математиката, физиката и информатиката од учебната 2020-2021 година отворено е специјализирано училиште Математичко – информатичка гимназија каде тие имаат можност да го надградуваат својот талент преку посебни програми и предавања од врвен наставен кадар.

[Став] Како државата ги (де)мотивира младите таленти?