Мастодонти од Неготино стари 8 милиони години на изложба во Природнонаучниот музеј

Во Природнонаучниот Музеј на Македонија се отвори палеонтолошката тематска изложба „8 MEGA ANNA“, во која e претставено природното фосилно богатство од селото Долни Дисан, Неготино.

Изложбата се состои од фосилен материјал од 5 различни видови на мастодонти кои за прв пат се среќаваат на еден ист локалитет, потоа 5 различни видови од парнокопитните животни, 4 видови од непарнокопитните како и по еден вид од месојадите и приматите, кои со својата старост датираат од пред 8 милиони години.

Холандскиот амбасадор Воутер Пломп на Твитер сподели фотографија од еден од изложените експонати, додавајќи дека се работи за „спектакуларна изложба“:

Изложбата е плод на 5 годишно истражување на реонот, од кои две години заедно со тимот палеонтолози од Природонаучниот музеј во Софија и е посветена на проф. Д-р Ристо Гаревски, кој поголемиот дел од својот живот го посвети на палеонтологијата и нејзиното афирмирање во светот на науката и културата.