Масовни судења по реткиот протест против власта во Куба

По најголемите протести од револуцијата на Фидел Кастро во 1959, Кубанците сега се соочуваат со масовни судеа против оние кои се осудија да излезат на улиците и да бараат промени.

Три недели по анти-владините протести судењата веќе почнуваат да се одржуваат, а пресудите се изрекуваат прилично брзо.

Фотографот Ањело Троја вели дека купувал намирници кога илјадниците Кубанци излегоа на улиците во Хавана минатиот месец извикувајќи „слобода“ и „татковина и живот“, што се дел од стиховите на вирална анти-владина песна. Троја со својата камера веднаш се упатил на собирот да направи фотографии.

„Беше веднаш уапсен. Не успеа да направи ниту една фотографија“, објаснува за Си-Ен-Ен неговата мајка Рајса Гонзалез.

Веќе следната недела Троја бил изведен пред суд со десетици други демонстранти и бил осуден за поттикнување бунт.

Кубанските власти одбиваат да кажат колку луѓе се уапсени по протестите во државата, кои се случија откако кубанската влада се соочува со сè почести недостатоци на основни животни намирници и раст на бројот на заболени со коронавирусот.

Според организацијата Кубалекс, која ги следи апсењата, до 26 јули биле приведени скоро 700 лица од почетокот на протестите. Државните власти тврдат дека дел од приведените биле ослободени, а според Кубалекс, таа бројка е 157 лица. Семејствата на некои од демонстрантите за Си-Ен-Ен изјавиле дека нивните најблиски биле уапсени само бидејќи биле на улица додека протестот се одржувал, или само бидејќи ги снимале демонстрациите.

Брзиот раст на мобилниот интернет во Куба отвори можност Кубанците брзо да се организираат и да споделуваат слики од протести. Активистите во последниве години се обидуваа да организираат демонстрации против уметничката цензура, за ЛГБТ правата и против суровоста кон животните. Сепак, во сите наврати, кубанската полиција брзо ги пригуши сите вакви ретки изблици на незадоволство.