Масовни оставки во владата на Шри Ланка по протестите поради економската криза

Министрите во Владата на Шри Ланка дадоа оставки по протестите поради начинот на кој власта се справува со најлошата економска криза во земјата последниве децении.

Помеѓу оние кои поднесоа оставка се наоѓаат сите 26 министри во Владата, но не и премиерот Махинда Раџапакса, како и неговиот брат, претседателот Готабаја Раџапакса.

Голем број од бесните демонстранти бараат оставка од семејството Раџапаска, нарекувајќи го потегот на оставките од министрите безначаен, пренесува Би-Би-Си.

Вчера голем број граѓани го прекршија полицискиот час во земјата и излегоа на улиците во неколку градови. Шри Ланка се справува со една од најлошите економски кризи по независноста од Велика Британија во 1948 година.

Кризата делумно е предизвикана од недостаток на странски валути, кои се користат за плаќање на увоз на гориво. Со рестикции на струја кои траат по половина ден и недостаток на храна, лекови и гориво, јавниот револт овој викенд достигна највисоко ниво.

Меѓу оние кои понудија оставки е и синот на премиерот, Намал Раџапаска, кој на Твитер напиша дека со неговиот потег „се надева дека ќе им помогне на претседателот и премиерот во нивните одлуки да обезбедат стабилност за луѓето и власта“.

Сепак, граѓаните кои го обвинуваат семејството Раџапакса за состојбата во Шри Ланка се бесни на фактот што премиерот и претседателот ќе останат на власт.

„Ова е трагикомично. Нивното семејство ја претвори Шри Ланка во нивен феудален посед и ја ограби. Тие се одговорни за уништување на земјата“, напиша еден граѓанин на Твитер.

„Сакаме сите да се повлечете – Раџапаските, владата, нивните политички приврзаници, коруптивните партнери, медиумските ликови“, напиша друг корисник на социјалната мрежа.

Вчера илјадници луѓе, претежно млади и студенти, протестираа низ земјата и покрај воспоставениот полициски час и специјално известување со кое се забрануваше на граѓаните да излегуваат на улиците, парковите, железницата или на крајбрежјето доколку немаат писмена дозвола од надлежните.

Покрај полицискиот час, во земјата има и забрана на социјалните медиуми како Фејсбук, Вацап и Твитер, со цел да се спречат протестите. Претходно, во четвртокот, беа организирани демонстрации пред куќата на претседателот кои се претворија во насилни.

Овие протести претставуваат голема пресвртница во популарноста на претседателот Раџапакса, кој дојде на власт со голема победа во 2019 година на ветувања за стабилност и „цврста рака“ во владеењето со земјата.