Макфакс: Наша екипа нападната на протестот пред судот, полицијата не реагираше  

Новинската агенција „Макфакс“ соопштува дека нивна екипа била нападната од демонстранти пред кривичниот суд, каде новинарите известувале за протестот.

Еден од демонстрантите, велат од „Макфакс“, на чекор од полицискиот кордон, со рака му ја покрил камерата на снимателот и го спречи во извршување на работната задача, а новинарот се пожали дека во турканицата му биле одземени дел од работите што држел в раце.

„Од сите страни ни се закануваат, а во еден момент успеаја и да го спречат известувањето во живо. Почнаа да нè туркаат, ми ги земаа слушалките од раце, кои ми се неопходни за работа, и листовите со забелешки, за што ќе ги тужам, а ја турнаа и камерата на снимателот“, вели новинарот Кристијан Ландов, пренесува „Макфакс“.

Како што соопштува Макфакс, полицијата не реагирала во расчистување на турканицата, иако, велат тие, судот е под силно полициско обезбедување.

Инаку, протестот започна во 13:30 часот по повик на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во знак на револт против, како што велат, политичкиот прогон на над 35 истакнати членови и поддржувачи на партијата, учесници во настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија.