Македонското население старее најбрзо во Европа, покажуваат податоците на Евростат

Уделот на лица постари од 65 години во вкупното население на Северна Македонија во последнава деценија се зголемил за 5,3%, што е најголем раст во Европа, покажаа новите податоци на Евростат за демографските карактеристики на континентот.

Според проценките на статистичката агенција на Европската Унија, во земјава 11,8% од населението било постаро од 65 години во 2012 година, додека десет години подоцна уделот на население над 65 години изнесувал 17,1%.

Полска и Финска се единствените други две европски држави кои имаат раст на уделот на лица постари од 65 години во целокупното население поголем од 5% во периодот од 2012 до 2022. Во нашето окружување Хрватска има раст од 4,6%, Албанија 4,4%, Србија 4%, Црна Гора има 3,1%, Грција 3%, додека Бугарија има најмал раст од 2,9%. Просекот на Европската Унија изнесува 3,1%.

„Стареењето на популацијата е долготраен тренд кој започна пред неколку декади во Европа. Овој тренд е видлив во трансформацијата на демографската структура од населението и се отсликува во зголемениот удел на стари лица заедно со намалениот удел на работоспособно население во вкупната популација“, велат од Евростат.

И покрај драстичното стареење на популацијата на С. Македонија, таа и понатаму има меѓу најмал удел на стари лица во вкупното население меѓу земјите од Европа. Проценките на Евростат покажуваат дека во 2022 само 17,1% од македонската популација била постара од 65 години, што е далеку под просекот на ЕУ кој изнесува 21,1%. Само Луксембург (14,8%), Ирска (15%), Албанија (15,7%), Црна Гора (16%) и Кипар (16,5%) имаат помалку стари лица во вкупната популација. Италија (23,8%) и Португалија (23,7%) имаат најголем процент на население над 65 години во вкупното население.

Популацијата во ЕУ на 1 јануари 2022 година се проценува дека изнесувала 446,7 милиони. 15% од нив биле на возраст од 0 до 14 години, додека 63,9% имаат помеѓу 15 и 64 години. 21,1% од популацијата на Унијата ја сочинуваат возрасни лица над 65 години.

Проекциите за популацијата на Евростат ги користи Европската комисија за анализирање на можното влијание на стареењето на популацијата врз јавното трошење и зголемени социјални трансфери како пензии и здравствени услуги и како тоа се одразува врз работоспособното население.