Македонските граѓани дишат смог, скопјани имаат бесплатен автобус

Високо аерозагадување и денеска покажуваат мерните станици во Скопје, Тетово, Битола, но и неодамна поставената станица во Струмица. Жителите на Лисиче и претпладенево дишеа воздух петпати позагаден со прашина од максимално дозволеното или 269 микрограми на метар кубен. Трипати повисоки вредности ПМ10 измерија станиците на Ректорат и Гази Баба, а надминувања на дозволените вредности има и во останатите делови на Скопје.

Надвор од метрополата, критична е состојбата во Тетово, со ПМ10 од 151 микрограми на метар кубен, Битола со 162, Струмица со 142. Загадување има и во Куманово и Кичево.

Ноќеска состојбата со аерозагадувањето беше уште посериозна, па во Лисиче во 1 часот по полноќ беа измерени и 742  микрограми на метар кубен ПМ10, во Карпош 408 во 20 часот, во 21 часот во Гази Баба 439, на Ректорат во 22 часот 479.

Во Битола, Кичево, Тетово, Кавадарци, Куманово синоќа вредноста на ПМ 10 честиците мина над 200 микрограми на метар кубен. Во Струмица на полноќ стигна и до 772.

Поради високото ниво на аерозагадувањето, во Скопје е воведен бесплатен јавен превоз кој ќе трае додека не се намали загадувањето во градот. Како што соопштија градските власти, прекинуваат и сите градежни активности на градилиштата кои се под надлежност на градот. Владата соопшти дека ги активирала итните мерки за ублажување на последиците од аерозагадувањето во градот Скопје, со кои се задолжуваат надлежните институции, покрај бесплатниот јавен превоз и да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата со хронични болести и оние кои имаат над 60 години пренасочување на тешките товарните возила кои транзитираат низ Скопје на обиколницa, забрана за одржување спортски активности на отворено, дневно чистење на улиците, како и обврска за градежните компании да користат вода за намалување на градежната прашина.