Македонската CS:GO репрезентација се пласираше во финалето на Светското еспорт првенство

Македонската CS:GO (Counter-Strike:Global Offensive) репрезентација денеска се пласираше во финалето од Светското првенство на Меѓународната еспорт федерација (МЕСФ) кое се одржува офлајн во Бали, Индонезија. Во финалето кое е закажано за утре во 3:20 часот сабајле, Македонија ќе игра со Монголија, односно тимот „IHC“.

Репрезентацијата која ја претставува тимот „BLUEJAYS“ во состав на Јане „aidKiT“ Апостолоски, Александар „CacaNito“ Ќулукоски, Даниел „dan1“ Глигоров, Дамјан „kyxsan“ Стоилковски и Павле „stYleEeZ“ Стојановски влегува во финалето на првенството откако ја победи репрезентацијата на Русија со 2-0.

Македонските репрезентативци издвојуваа победа на мапите „Ancient“ со 16-5 и „Dust2“ со 16-11.

Македонската репрезентација претходно издвојува победа над Индонезија од 2-0, но изгуби од Русија 2-1. Потоа, тие имаа уште една шанса да продолжат да се натпреваруваат за финалето, со тоа што ги победија Аргентина со 2-0 и Германија со 2-1.

Целокупниот награден фонд на првенството е 100.000 долари, односно 50.000 долари за прво и 30.000 долари за второ место.

Инаку, Македонија е веќе актуелен светски првак откако минатата година го освои истото Светско првенство кое тогаш се одржа во Еилат, Израел. Истовремено, Македонија е и европски шампион во CS:GO, втора година по ред.