Македонската CS:GO репрезентација се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство

Македонската CS:GO репрезентација, „Блуџејс“ се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство, откако вчера ги победи Луксембург и Шведска во осминафиналето, информираат од Македонската Еспорт федерација.

Во моментов „Блуџејс“ се први во групата „Б“ пред репрезентациите на Шведска, Луксембург и Хрватска. Четвртфиналето ќе се одигра утре, а македонските „кантераши“ ги очекува натпревар со второпласираните од групата Ц.

Нашата репрезентација е во состав на Јане „aidKiT” Апостолоски, Дамјан „kyxsan” Стоилковски, Александар „CacaNito” Ќулукоски, Даниел „dan1” Глигоров и Павле „stYleEeZ” Стојановски. Досега имаат одиграно два натпревари на кои ги поразија репрезентациите на Луксембург и Шведска.

Натпреварите од плејофот на Европското првенство што се одржува во Орадеја, Романија започнаа на 6 јули и ќе траат до 10 јули. Победничкиот тим ќе освои награда вредна 25.000 долари.

Паралелно на Европското првенство, „Блуџејс“ се натпреварува и на „E-Sports Entertainment Association League“ (ЕСЕА), каде има четири победи, а денес во 20:30 часот го игра натпреварот со рускиот тим „forZe“.