Македонија со скромен напредок во справување со корупцијата, објави ГРЕКО

Скромен напредок е забележан во спречувањето на корупцијата кај пратениците, судиите и обвинителите, оценува Групата на земји против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО) во вториот извештај за усогласеноста објавен денеска во Стразбур во кој се оценуваат мерките преземени од македонските власти.

Се работи за препораки дадени во Извештајот за евалуација на четвртиот круг за земјава – „Спречување на корупција кај пратениците, судиите и обвинителите“.

ГРЕКО оценува дека Македонија постигнала одреден напредок во спроведувањето на ваквите препораки, односно од дадените вкупно деветнаесет препораки, девет се имплементирани во задоволителна мера, девет се делумно имплементирани, а само една препорака е неимплементирана.

Споед заклучоците на извештајот, ГРЕКО забележува дека се во тек понатамошни реформи со цел да се имплементира препораката. Ја охрабрува земјата да продолжи со напорите во оваа насока.

За судството, ГРЕКО го забележува проширувањето на опсегот на санкции што се применуваат на судиите според член 78 (2) од Законот за судови. Исто така, ГРЕКО ги повторува стравувањата дека претходните намери на властите официјално да го сменат министерот за правда од составот на Судскиот совет сè уште не се остварени.

Во однос на обвинителите, ГРЕКО го поздравува усвојувањето на новиот етички кодекс кој обезбедува сеопфатен сет на правила за интегритет. Новоименуваните „одговорни за интегритет“ во рамките на обвинителството мора да даваат советодавни мислења за етичките дилеми кои не се опфатени со Кодексот и да водат регистри за подароци. Одлуките на Советот за етика – тело за следење предвидено со Кодексот – во врска со прекршување на етичките правила сега покренуваат „дисциплински“ постапки против засегнатите обвинители. Иако ова е позитивен развој, гостопримството сè уште не е покриено и внатрешните правила за подароци треба да се ревидираат за да се обезбедат идентични прагови за протоколарни подароци.

Во однос на парламентарците, бројни ветувачки иницијативи, како што е развојот на новиот Кодекс на однесување на пратениците и поврзаните нови насоки, моментално се во полн ек на спроведување. Земени заедно, овие документи обезбедуваат соодветна рамка за промовирање на интегритетот и водење на етичкото однесување на пратениците во однос на прашања како што се конфликт на интереси, односи со лобисти, подароци итн. Сепак, и двата документа треба да бидат рафинирани и рационализирани за да бидат поразбирливи, да се елиминираат непотребните содржини, да се обезбеди поголема јасност и конзистентност и појасно да се одделат важечките правила од објаснувањата и примерите. Дополнително, сè уште не се назначени механизми за следење на усогласеноста и давање совети. Исто така, се чини дека Комисијата за деловнички, мандатни и имунитети на Националното собрание, одговорна за спроведување на важечкиот Кодекс, сè уште не ги извршува своите функции во оваа област.