Потребни се активни млади, но и политичари што ќе ги вклучат во носењето одлуки

Преземање на конкретни мерки за справување со корупцијата која е една од главните причини за иселување на младите, суштински промени во образованието и активна младина која директно ќе учествува во креирање политики и носење одлуки на сите нивоа – ова се дел од заклучоците на дебатата „Како до подобар младински стандард во 2023 година?“ организирана од Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата „Фридрих Науман“, во соработка со Клубот за младински политики при Собранието.

Млади, претставници на младински организации и политичари отворено разговараа за дел од најважните прашања, предизвици и проблеми поврзани со младинскиот стандард како спроведувањето на законите што ги засегаат нив, за лошите услови во образованието и државната поддршка за студентите и учениците, но и за конкретни мерки за справување со партизација на општеството и корупцијата, како и потребата од дигитализација за да се намали истата.

За пратеничката Моника Зајкова, факт е дека младинскиот стандард не е на она ниво на кое што треба да биде и само преку заедничка работа и јавни дискусии може да се менуваат аномалиите на системот. Таа ги повика сите млади со свој личен придонес да се вклучат во процесите и да поттикнат промени.

„Очекувам од секоја млада личност која детектирала проблеми и има идеи за нивно надминување да ни се обрати и да креираме конкретни мерки и решенија. Да го искористиме моментот што во Собранието имаме млади пратеници кои се издигаат над партиските опции и сакаат да работат во интерес на младите. Да почнеме заеднички да ги менуваме работите“, порача Зајкова.

Според Зајкова, која е претседателка на Клубот на млади пратеници, најголем проблем кој влијае врз стандардот на младите и иселувањето е лошиот концепт на образование како и правната несигурност.

„За да направиме огромна реформа и во правосудството, треба да го менуваме менталитетот, треба да постои политичка волја и консензус за промена на легислативата и за тоа како се однесуваат институциите“, рече Зајкова.

Пратеникот Бојан Стојаноски, член на собранискиот Клуб за младински политики, нагласи дека доколку сакаме значителни промени единствен начин е младите активно да се вклучат и да се обидат да ги променат нештата.

„Ако погледнеме наназад во изминативе 30 години, најкрупните мерки или промени во државава ги правеле младите. Никој нема ништо да ни даде како млади луѓе, напротив треба сами, со многу работа и труд да се избориме и добиеме шанса, а кога ќе ја добиеме да ја искористиме и да направиме разлика во општеството. Да не се повлекуваме пред предизвикот и да покажеме дека сме подеднакво квалитетни, а многу често и дека имаме и подобри квалификации“, рече Стојаноски.

Тој смета дека е неопходно младите многу повеќе да бидат консултирани и вклучени во носењето на закони.

„Најдобриот начин да ги промените работите е да влезете храбро во институциите и да се обидете да ги промените. Ако сум во Собрание не сакам да бидам невидлив, туку најактивен оти само така може да ги променам работите. Не да бидам само бројка од некоја институција, туку да станам и важен чинител во процесите на носење на одлуки“, потенцираше Стојаноски.

„Младите не се само иднината туку и сегашноста и затоа ние како пратеници треба да работиме да креираме услови за младите овде“, изјави пратеничката Фиснике Бектеши Шаќири, која, исто така, е членка на Клубот за младински политики при Собранието. И таа ги повика сите млади и младинските организации со конкретни предлози да се вклучат во изработката на новата Стратегија за млади која е во тек.

„Потребна е законска рамка за ефикасна работа на институциите за млади, буџет за млади,  децентрализирање на политика за млади, младинско истражување, учество на млади на сите нивоа, меѓу-секторска соработка, иновации и советодавни тела за млади со цел да се осигура консултација меѓу институциите и младински организации кои ќе имаат мандат да влијаат врз властите за прашања кои ги засегаат“, рече пратеничката Бектеши Шаќири.

Од особена важност за младите е што ние како пратеници треба да придонесеме за нив, посочи пратеничката.

„Што е досега од наша страна направено и што треба да се направи во иднина. Како младите да се вклучат во процесите на одлучување преку врсничка едукација, водење и учество во локалните младински совети, младинските парламенти, форуми итн. Важен е т.н. ко-менаџмент систем по примерот на Советот на Европа, каде одлуките се носат заедно со младите и нивните младински претставници“, посочи Бектеши Шаќири.

Градоначалникот на Валандово Перо Костадинов е со став дека младите мора активно да бидат вклучени во процесите кои ги засегаат, а позитивни промени се можни само доколку сите, без разлика на партиската припадност, работат заедно и бараат решенија.

„Ниту еден млад човек не смее да се откаже, мора активно да се вклучи во институциите и општеството и да даде свој придонес. Треба да престанеме да користиме флоскули, односно зборуваме дека светот останува на младите, туку треба да го зграпчиме времето и да покажеме дека можеме да направиме промени сега“, рече Костадинов.

Тој смета дека е неопходна и реформа на јавната администрација во која ќе им се дадат шанси на младите, но истите да не бидат стигматизирани поради партиската припадност.

„Како млади често зборуваме и ги критикуваме негативните појави во општеството што е неопходно. Но, истовремено, какви ќе бидат институциите, државата и системот зависи единствено од младите. Позитивни промени во општеството се можни само преку заедничко преземање на конкретни дела и активности“, истакна Костадинов.

Ние сме последната генерација која може да направи промена во општеството, рече во своето обраќање градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, говорејќи за корупцијата како проблем кој влијае врз младинскиот стандард.

„Треба да воспоставиме систем на добро управување и треба да се бориме со корупцијата. Прво, треба да прифатиме дека корупција постои. Корупција има од најниско до највисоко ниво. Потоа да почнеме со преземање чекори за промена на свесноста, односно да се промени свеста кај корисниците на услуги, но и кај администрацијата која ги пружа тие услуги. Ако сакаме да бидеме принципиелни, тогаш истите принципи треба да важат за сите нас, без исклучок“, рече Муцунски.

Градоначалникот на Аеродром посочи дека во суштина последните анкети покажале дека има висок степен на разочараност во системот на управување и јавните добра, дека со години се провлекуваат истите проблеми а кај граѓаните преовладува чувство дека никој не прави ништо за да донесе промена.

„Не можеме ништо магично преку ноќ да смениме, овие процеси се длабоко вкоренети во нашето општество. Треба генерациска промена и вие како млади луѓе сте таа генерација. Фактот што има интерес во јавниот живот и што учествувате на вакви активности, докажува дека заедно можеме и ќе почнеме да ги движиме овие процеси. Немаме друга алтернатива. Јас сакам да живеам и создавам во мојата држава“, додаде Муцунски.

Ивајло Цонев, проектен координатор на Фондација „Фридрих Науман“ исто така смета дека промени и развој се можни само со активно учество на младите.

„Видов мотивирани млади луѓе кои сакаат да работат активно за својата иднина. Нема посебни младински политики оти тие се дел од сите сфери на општествениот живот. Затоа сите вие, сите ние, кои се сметаме за млади мора да учествуваме активно во процесите на градење политики на сите нивоа. Чест ни е да подржуваме вакви настани со кои се иницира дијалог меѓу младите и власта и институциите. Иднината може да се промени само единствено со активно учество на младинските организации. И ќе се радувам доколку вие сте иницијатори и ги носите промените и развојот“, порача Цонев.

Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма во ИДУЕП рече дека овој настан претставува вистински модел доколку сакаме да видиме дијалог, различни мислења, но и отворена дебата со конкретни иницијативи и предлози за излез од проблемите.

„Вистинско задоволство е соработката со пратеничките и пратениците од Клубот за младински политики бидејќи ова е едно од највисоките тела во државата кое на прво место ги става младите и нивните барања и потреби. Како комуниколог сум поборник за различни мислења, ставови, несогласувања, но и дебата, дијалог и заедничка работа со цел надминување на горливите прашања. Сите анкети, вклучително и најновата на ИРИ јасно покажуваат дека граѓаните очекуваат нивните политички претставници да се обединат во барањето на излез од кризите во кои како земја и свет сме западнати“, истакна Кордалов.

Тој најави дека од овие дебати предвидено да произлезе Документ со конкретни препораки и предлози кој ќе биде изработен од ИДУЕП со поддршка на ФНФ, а доставен до Клубот за младински прашања и политики при Собранието и очекува да биде вклучен во акцискиот план за работа на пратениците за следната година.

Инаку, по дискусиите беше презентирано и истражувањето на тема „Младите во 2022 – факти и заклучоци“ изработено од Младинскиот сојуз Крушево. Oд овој настан ќе биде изработен документ со политики и предолг активности со цел да стане составен дел од Акцискиот план за работа на собранискиот Клуб за младински прашања и политики.