Мајкрософт го купи производителот на играта „Call of Duty“

Мајкрософт го купи производителот на видео игри „Activision Blizzard“ за 69 милијарди американски долари со што се спогоди за една од најскапите зделки во технолошката индустрија што може да создаде реперкусии во индустријата за видео игри.

Известувањето дојде седум часа откако Мајкрософт го доби конечното одобрение од британското тело за заштита од конкуренција, што ја промени својата претходна одлука да го блокира договорот.

Преземањето на студијата кои стојат позади блокбастер видео игрите како „Call of Duty“, „Diablo“ и „Overwatch“ ќе биде поттик за гејмерската конзола „Хbox“ што котира на трето место по продажба, веднаш зад „PlayStation“ и „Nintendo“ на Сони.

Софтверскиот гигант исто така има амбиции да ги стави насловите на „Activision Blizzard“ во својата понуда за повеќе игри – платформа што функционира слично како „Нетфликс“ за видео игри.

Процесот на склучување на договорот меѓу Мајкрософт и производителот на игри траеше 22 месеци што ја рефлектира загриженоста на конкурентите и владините регулатори дека Мајкрософт може да ја искористи својата растечка колекција на игри за да ја задуши конкуренцијата. Тоа е дел од пошироката консолидација на индустријата што исто така има некои независни производители на игри кои се загрижени дека ќе останат на страна на индустријата која сѐ повеќе е наклонета кон блокбастер франшизи кои имаат историја на успеси.

Федералната трговска комисија на САД сѐ уште се противи на договорот. Оттаму тврдат дека Мајкрософт може да ја искористи консолидацијата на гигантски издавач на видео игри за да создаде „заѕидани градини“ околу претплатата на „Xbox“. Федералната комисија изгуби судска постапка за ова, но сѐ уште е на став дека ваквиот договор претставува опасност за конкуренцијата.

Мајкрософт долго време го бранеше договорот велејќи дека целта е игрите на „Activision“ да ги направат подостапни за луѓето на повеќе платформи, а не да ги лишат од ривалските конзоли.

„Без разлика дали играте на ‘Xbox’, ‘PlayStation’, ‘Nintendo’, телефон или на компјутер, добредојдени сте и овде, и ќе останете добредојдени и ако ‘Xbox’ не е конзолот на кој ја играте вашата омилена франшиза“, изјави вчера извршниот директор на одделот на ‘Xbox’ при Мајкрософт.

Одобрувањето на договорот од Управата за конкуренција и пазар на Обединетото кралство се очекуваше по прелиминарното одобрување што го даде минатиот месец на обновениот предлог на Мајкрософт кој требаше да одговори на загриженоста на конкуренцијата дека договорот ќе им наштети на гејмерите особено на пазарот каде гејмерите може да купуваат игри за да ги играат на телефон или таблет.