Времето поминато во играње видео игри не влијае врз емотивната состојба на играчите, покажа студија

Студија во која биле вклучени 39.000 „гејмери“ на видео игри покажува дека речиси и да не постои доказ дека времето поминато во играње влијае на благосостојбата на луѓето што играат.

Просечниот играч би требало да игра 10 часа повеќе од вообичаено за да забележи некаква разлика.

Во студијата влијанието на времето поминато во играње врз благосостојбата на играчите е измерено според нивото на задоволство, емоциите на среќа, тага, лутина и фрустрации што се јавуваат кај играчите.

„Здравиот разум вели дека ако имате повеќе време за играње видео игри, веројатно сте посреќни. Но, спротивно на тоа што сметаме дека играњето и видео игрите се добри или лоши за нас, со последната студија заклучивме дека независно тоа колку време еден човек поминува во играње истото никако не влијае на неговата благосостојба“, вели за Би-Би-Си професорот Ендру Пржибилски кој работел на студијата.

Тој додава дека кога луѓето би играле затоа што сакаат, а не затоа што тоа им е обврска или чувствуваат дека мора да го прават би биле посреќни.

Наодите од новата студија се спротивни на претходната што беше направена во 2020 година, која покажа дека „гејмерите“ што играат подолго време се навистина посреќни.