Над 100 основци учествуваа во работилницата селекција на отпад „Видео игротека“

Над 100 основци од Гостивар и Скопје изминатите два дена имаа можност да бидат дел од работилницата за намалување, реупотреба и селекција на отпад  „Видео игротека“. Исто така, можеа да ја проследат соларната проекција на филмот „Патешествието на принцот“ што беше организирана од Унијата на македонски асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје.

Најмладите преку презентација на еко-иновацијата мобилна станица за селектирање отпад можеа визуелно и практично да научат зошто е важно правилното управување на отпад во насока на заштита на животната средина. Притоа, децата од дома носеа предмети што тие мислат дека можат да се рециклираат, или пак не им требаат.

Работилниците се одржаа во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар и Кинотеката на Северна Македонија.

„Проектот понатаму продолжува во другите градови низ државата каде до 13 јуни ќе се одржуваат работилници за игри во виртуелна реалност и работилници за изработка на видео игри, како и проекции на филмови. Идејата е децата да се запознааат со концептите поврзани со дизајнирање на видео игри на забавен и лесно разбирлив начин. Работилниците ќе се одржат во просториите на Домовите на културата и училиштата, а ќе присуствуваат најталентираните ученици кои покажуваат интерес за оваа област“, велат од УМПАКИ.

Работилниците се реализираат со поддршка од Делегацијата на Европската Унија и Министерството за култура вчера и завчера во соработка со здружението Гоу Грин од Скопје.