„Луксузен“ тоалет стар 2700 години откриен во Ерусалим

Тоалет стар 2700 години е пронајден за време на археолошки ископувања во Ерусалим, каде детално се истражувала поранешна луксузна вила, пренесува „Си-Ен-Ен“.

Тоалетот датира од седмиот век п.н.е., а бил откриен во остатоците од луксузна вила која гледа накај „Градот на Давид“, познат израелски археолошки сајт. Направен од камен, тоалетот е правоаголна кабина со издлабен тоалет кој се наоѓал над длабока септичка јама.

„Тоалетот е направен од варовник, а е дизајниран за комфорно седење, со дупка во средина на каменот“, изјавиле археолозите.

Јаков Билинг, археологот кој го предводел ископувањето изјавил дека приватните тоалети биле многу ретки во античкото време, а досега се пронајдени само неколку вакви примероци.

„Всушност, во тоа време, само богатите можеле да си дозволат тоалети. Дури илјада години подоцна, според Талмудот се издвоиле критериумите за тоа што значи да си богат, а рабинот Јоши го опишал богатиот човек како лице кое има тоалет веднаш до масата“, истакнал Билинг.

Септичката јама која била пронајдена под тоалетот содржела голем број на глинени садови и коски од животни, а најдените предмети биле собрани заедно со примероци од почвата.

Археолозите нагласиле дека токму ваквите материјали можат да ни помогнат да дознаеме нешто повеќе за животот и исхраната на луѓето од овој период, но и за античките болести.

Археолошкиот тим исто така пронашол докази кои посочуваат дека веднаш до тоалетот се наоѓала градина полна со украсни и овојшни дрвја, и веќе непостоечки растенија, што дополнително ја опишува раскошноста на луксузната вила.

„Фасцинантно е да се види како нешто што е толку вообичаено денес, како тоалетот, претставувало луксузен симбол во минатото“, изјавиле археолозите, додавајќи дека Ерусалим никогаш не престанува да изненадува.