Во Израел пронајдена винарија стара 1.500 години

Во Израел е пронајдена винарија стара 1.500 години, која се смета за најголема во светот во тоа време, наведоа археолози.

Пет дробилки за грозје се ископани во Јавне, јужно од Тел Авив, во голема винарија од византиската ера, за која се проценува дека произведувала две милиони литри вино годишно.

Како што наведуваат светските медиуми, по софистицираниот процес на производство, виното се извезувало ширум Медитеранот.

Археолозите кои работеа на ископувањата рекоа дека се изненадени од големината на винаријата. Во план е кога ќе завршат конзерваторските работи местото да биде отворено за посетители.

На локалитетот се наоѓаат пет дробилки за грозје на површина од околу четиристотини квадратни метри, капацитетите за зреење и флаширање на виното, како и сушара за тегли во кои се чувало виното.