Летонија охрабрува часови во природа во области каде нема голема заразеност со Ковид-19

Во области со пониски стапки на заразеност, балтичката држава Летонија им дозволува на училиштата да одржуваат часови на отворено и иницијативата се покажува толку популарна што некои се надеваат дека ќе остане и понатаму, пишува France24.

Оваа недела на час во предградието на Валмиера, во северна Летонија, можеше да се забележи група од 30 деца на возраст од 10 и 11 години како одржуваат театарски час во природа.

Следуваше комбиниран час од спорт и математика, на кој децата трчаа по патека, а потоа научија како да ги пресметаат просечните брзини.

„Часовите на отворено се покажаа како попродуктивни отколку што мислевме порано. Размислувам да ги задржам на распоредот и по пандемијата”, изјави за АФП Андрига Лозда, наставничка по театар.

Владата ги охрабрува училиштата на кои им е дозволено да го сторат тоа да одржуваат секакви часови надвор, претставувајќи ги како начин за борба против стресот од повеќемесечното учење на далечина.

„Далечинското школување за време на пандемијата навистина ги исцрпи сите: наставниците, децата и нивните родители“, рече Агија Карклина, друг учител.

„Работам 14 часа на ден од септември и се чувствувам прегорено“, рече таа.

Надворешни часови се дозволени во општини каде просечната стапка на инфекција со коронавирус е под 250 случаи на 100.000 луѓе.

Стапката на Валмиера оваа недела достигна 278, што значи дека од следната недела ќе биде дозволено само учење од далечина се додека стапката повторно не падне.

Околу половина од општините во Летонија, вклучително и главниот град Рига, имаат дозвола само за учење од далечина.