„Лета, лета Локубија“ – дводневна работилница за изработка на летала

Во рамки на интердисциплинарниот документарен уметнички проект на визуелната уметница Елена Чемерска, „Лета, лета Локубија, се организира дводневна работилница во период од еден месец за изработка на летала од рециклирани материјали од градската депонија во Кочани врз основа на цртежи на децата учесници во работилницата, инспирирани од мозаичните фризови на Споменикот на слободата.

Проектот на уметницата цели кон физичка и значенска ревитализација на Споменикот на слободата во Кочани.

„Поттикната од приказните на членови на различни генерации од локалната заедница врзани со неформалната традиција на летање на змејови на Споменикот на слободата, оваа работилница е наменета за сите деца кои живеат во подрачјето на ридот Локубија, Кочани и пошироко, кои се на возраст од 6-12 години и се љубопитни за летањето, летачките објекти и нивното создавање. Особено се охрабрува учеството на децата Роми кои живеат во подрачјето на ридот Локубија и пошироко“, информираат од КСП Центар Јадро.

Работилницата ќе се одржи во две фази, а ќе започне на 30 јуни, четврток, кога ќе се одржи двочасовна детска ликовна рабо.тилница во организација на визуелните уметници Доротеј Нешовски и Елена Чемерска на Споменикот на слободата.

Организаторите истакнуваат дека за време на работилницата, децата ќе имаат можност подобро да се запознаат со приказната на Споменикот на слободата, а потоа, на основа на стекнатите впечатоци, да изработат цртежи и колажи во различни техники кои би можеле да бидат инспирирани од искуството со споменикот.

Материјалите потребни во текот на двете фази на работилницата ќе бидат однапред обезбедени.

Во периодот помеѓу првата и втората фаза на работилницата, во организација на “Лета лета Локубија”, ќе биде направена адаптација на детските цртежи изработени во рамките на ликовната работилница во прототипи за изработка на летала- змејови, па цртежите ќе бидат испечатени на рециклиран материјал соодветен за летање, добиен во соработка со Градското комуналното претпријатие на Кочани од локалниот отпад.

Во вториот дел од работилницата најавена е соработка со професионален произведувач на летала, со чија помош децата ќе имаат шанса своерачно да ги комплетираат леталата произлезени од нивните цртежи, а потоа и да ги полетаат“, истакнуваат организаторите.

Тие дополнуваат дека во втората фаза, децата учесници ќе можат да научат се што е потребно за техниката на моделирање и изведба на змејови.

„Дополнително, тие ќе бидат запознаени и со основните концепти на рециклирачката пракса користена во добивањето на материјалот од кој се изработени змејовите создани во рамките на оваа работилница. На крајот на работилницата, секое дете ќе го земе со себе своето летало, кое нетрпеливо ќе чека до својот следен лет над Локубија“, велат уметниците.

Споменикот на слободата во Кочани е подигнат на ридот Локубија над самиот град во 1981 година во чест на 40-тата годишнина на НОБ, светската победа над фашизмот и формирањето на македонската држава. Тој е дело на уметникот Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ и претставува монументален комплекс во кој е инкорпорирана сцена и амфитеатар. Замислен е како отворен простор кој ќе биде населен и користен од заедницата и ќе ја приближи уметноста до секој поединец во неа. Во својата ликовно- архитектонска програма, тој ја разбира слободата како состојба на постојана револуција, вклучувајќи ја тука и уметноста. Една од поентите на ова ова уметничко дело е низ комуникацијата со заедницата која што го населува да инспирира револуција и во секојдневниот живот. Во 1982 година е прогласен за културно наследство од прв ред.