Легис и Меѓаши започнаа кампања за солидарност со децата бегалци од Сирија

Здружението на граѓани Легис и Првата детска амбасада во светот Меѓаши прогласија Недела на солидарност за бегалците кои се лоцирани во кампови на граничната зона на Турција со Сирија.

Еден дел од кампањата е насочен кон собирање финансиски средства од граѓаните и од бизнис секторот, а другиот дел кон подигање на јавната свест, особено кај помладата генерација.

Граѓаните ќе имаат можност да донираат парични средства онлајн, во кутии распоредени по френкфентни супер маркети, како и на жиро сметка која ќе биде дистрибуирана деновиве во дневните и неделните весници.

„Со собраните средства сакаме да пратиме заедничка симболична хуманитарна помош од граѓаните на Македонија до децата бегaлци од Сирија“, велат од Легис и Меѓаши.

„Целта е да ја подигнеме свеста особено на помладите во воспитно образовните институции, децата, учениците за состојбата во која се наоѓаат нивните врсници од Сирија и воопшто бегалците, потребата од солидарност и помош на луѓето кои страдаат од војна. Зборуваме за луѓе, деца кои ги загубија своите домови и речиси сè што имаат“, велат организаторите на кампањата.

Оттаму велат дека децата и младите треба да бидат запознаени како може да им се помага на луѓе во неволја, да им се претстават хуманитарни акции како и сите други начини на кои се искажува солидарност. Според нив, доволен е барен еден наставен час посветен на оваа тема.

„На часот, прилагодено на детската возраст и разбирање, да се разговара за состојбата на децата бегалци, за нивните потреби и за она што им се случува. Како можни други активности за училиштата во оваа насока може да бидат најразновидни, работилници, изложби, игровни активности, настапи во медиуми… се што може на некој начин да придонесе децата во Македонија да станат свесни за состојбите во кои се наоѓаат децата од Сирија… За таа цел наставниците, воспитувачите може да го користат прирачникот  „Сите сме деца на овој свет – како со учениците да се разговара за бегалската криза” на македонски и албански јазик“, појаснуваат од Легис и Меѓаши.