Лажен воен фотограф им продавал на магазините туѓи слики две години

„Фоторепортер“ изведе една од најголемите измами во историјата на фотоновинарството, мамејќи ги светските новински агенции и повеќе од 120.000 следбеници на Твитер дека е воен фотограф.

„Едуардо Мартинс“, 32-годишен маж од Сао Пауло, Бразил, вели дека во детството преживеал леукемија, што го поттикнало да стане воен фотограф за ОН, кој има пасија за сурфање.

Неговите лажни фотографии од конфликти во Газа, Сирија и Ирак ги доставувал на агенции како Гети Имаџес, Зума и НурФото, а биле објавувани воВол Стрит Џурнал, Ле Монд, Телеграф и ББЦ.

Неговиот сега избришан Инстаграм профил имал повеќе од 120.000 следбеници. Но, било откриено дека е измамник, благодарение на внимателното око на неговата „колешка“ фотографка Наташа Рибеиро.

Првиот човек кој јавно објавил дека се сомнева во неговата легитимност е колумнистот Фернандо Коста Нето, кој се спријателил со него неколку месеци пред тоа и дури објавил колумна за неговата работа.

Откако новински агенции му кажале дека Мартинс можеби лажно се претставува, Нето го побарал за да му појасни.

Но, тој веднаш го избришал својот Инстаграм профил и веб страницата и му пишал мејл на Нето во кој вели дека „ќе побегне од човештвото“.

„Во Австралија сум. Решив да поминам една година живеејќи во комбе. Ќе избришам сè онлајн. Сакам да бидам во мир, ќе се видиме кога ќе се вратам“.

Друг бразилски фотограф, Игнасио Аронович, ја прочитал сторијата на Нето и почнал самиот да копа, за да разбере како успеал Мартинс да ги измами најпознатите светски медиумски организации.

Во долга објава на Фејсбук, Аронович забележал дека некои од фотографиите на Мартинс изгледаат чудно.

На пример, во една од нив, фотографот го држи копчето за сликање на левата страна, а речиси на сите апарати ова копче е на десната страна.

Затоа, зел фотографии од интервјуто на Мартинс за Рекаунт Магазин и само ги свртел огледално пред да направи пребарување на Гугл. Вистинскиот автор на некои од фотографиите бил американскиот фотограф во Турција, Даниел Ц. Брит.

Иронично, Мартинс преку користење на фотографии од познати автори, успеал да ги измами најпознатите медиуми, чија работа е токму да ја проверуваат вистината.

Насловите и локациите под кои ги објавувал фотографиите се исто така неточни. Фотографии кои велел дека се направени во Алепо, Сирија, всушност биле направени од Брит на 90 километри подалеку, во Кафр Набл. Друга слика која вели дека е од Азаз, Сирија, е направена во Ма’арат ал-Ну’ман, на 126 километри подалеку.

Вистинскиот фотограф, Брит, изјавил дека не ги следи своите дела на интернет, па немал поим дека неговите фотографии ги препродавал „бубалица на социјалните медиуми во последните две години“.

Многу од фотографиите припаѓаат на Плејбој магазинот, а се објавени во 2014 година.

„Едуардо Мартинс, кој и да е, бил доволно паметен да помине незабележано од уредниците на многу познати магазини, па и Вол Стрит Џурнал“, вели Брит.

„Како што им кажав и на други новинари, само сум разочаран што манипулирал со насловите и локациите и им дал на луѓето уште една причина да не им веруваат на вестите. Секоја фотографија беше дел од различно време и простор“, заклучува.

Наташа Рибеиро од ББЦ Бразил, дознала дека иако тој тврди дека бил во Ирак, никој од новинарите и активистите таму не слушнал за него. Некогаш се претставувал како волонтер на ОН, но неговото име во документите на ОН не постои. Дополнително, никој од уредниците кои ги купиле „неговите“ фотографии никогаш не го запознале лично, туку изјавиле дека го познаваат само преку неговите социјални медиуми.

Извршниот директор на НурФото, Мануел Романо, изјави дека сите фотографии потпишани од Мартинс се отстранети од мрежата.

„Кога прв пат ја контактираше агенцијата НурФото во 2015 година, Мартинс се претстави како фотограф и автор на богато порфолио со професионални фотографии. Дополнително, овие фотографии беа достапни на неговите профили на социјалните медиуми и неговата официјална веб страница“, објаснува тој.

ББЦ Бразил го идентификуваше мажот на фотографиите како 32-годишниот британски сурфер Макс Хепворт-Поуви од Корнвол.

Тој дознал дека е искористен во измама преку сурферски магазин за кој пишува.

Додава дека фотографиите биле објавени на неговиот стар Фејсбук профил кој го избришал пред две години.

„Кога мој пријател ми ги покажа фотографиите, мислев дека е шега, но всушност сите мои слики се украдени“, вели Хепворт-Поуви. „Лудо е што некој странец решил да ги користи токму моите слики, кога има толку многу на интернет“.